Предавање на Зденка Бадовинац во МСУ
2026-03-03 - 17:07
Утре, на 04 март во Музејот на современа уметност (МСУ) – Скопје во 19 часот свое предавање ќе одржи Зденка Бадовинац, кураторка со меѓународен углед и иницијаторка на првата источноевропска уметничка колекција, Артист 2000+ во Модерна галерија, Љубљана. Програма во рамките на меѓународната групна изложба „Истокот e сè уште можен“, на дела од колекциите на МГ+МСУМ, Љубљана и МСУ-Скопје во МСУ-Скопје отворена до 29 март. Во 2011 година, Модерна галерија во Љубљана се здоби со нов ентитет, Музејот на современа уметност Метелкова (МСУМ), кој исто така стана дом на колекцијата на повоена авангардна уметност од Источна Европа, која ја нарековме Артист 2000+. Поделбата на работата на две големи целини, кои работат на две различни локации, исто така бараше попрецизна дефиниција на разликата помеѓу модерното и современото. Во тоа време, го дефиниравме современото како нешто што има два почетоци: првиот во 1960-тите, кога беа формирани многу нови авангардни практики; и вториот во раните 1990-ти, по крајот на социјализмот и распадот на Југославија, со зголемени процеси на глобализација и компјутеризација на светот. Сметаме дека уметноста од последните децении е наследник и на историските и на повоените авангарди, и тоа е она што го нагласивме во 2011 година кога ја избравме колекцијата Артист 2000+ како јадро на програмата на МСУМ. Бевме заинтересирани за авангардната уметност како нешто што е постојано испреплетено со животот, како процес што на крајот ја обликуваше и идејата за музеј на современа уметност. Различни презентации на 2000+ колекцијата од 2000-тата до 2020-тата година беа создадени според заедничката идеја за колекцијата како алатка. Концептот на колекцијата како алатка ја нагласува перформативната улога на колекцијата, како и на музејот, кој игра активна улога во социо-политичкиот контекст. Преку своите различни инсталации, колекцијата како алатка оживеа како симболичен капитал во меѓународната размена на идеи и како средство за самодефинирање и, следствено, за создавање на поинаков модел на музеј. Зденка Бадовинац од 1993 година до 2020 година е директорка на Модерна галерија во Љубљана (од 2011 година е проширена за да ја вклучи и Музејот на современа уметност Метелкова). Од 2022 година до 2023 година е директорка на Музејот на современа уметност во Загреб. Моментално работи како независна кураторка и авторка. Во својата работа, Бадовинац се занимава со историцизација на источноевропската уметност, итностите на современата уметност во меѓународниот свет и ситуираните начини на културно производство. Таа ја иницираше првата источноевропска уметничка колекција, Артист 2000+ во Модерна галерија, Љубљана. Бадовинац има курирано бројни изложби од меѓународно значење, меѓу кои „Телото и Истокот – од 1960-тите до денес“, 1998 година; „НСК од Капитал до капитал: Neue Slowenische Kunst – Настанот од последната деценија на Југославија“, Модерна галерија, 2015 година; „Места на одржливост – павилјони, манифести и крипти, Здраво свете. Ревидирање на колекција“, Хамбургер Банхоф – Museum für Gegenwart – Берлин, 2017 година; „Поголем од себе си: Херојски гласови од поранешна Југославија“, MAXXI, Рим, 2021 година; Сања Ивековиќ, „Works of Heart“, Кунстхале Виена, 2022 година, МСУ, Загреб, 2023 година; 32. Меморијал Надежда Петровиќ, „Спомен Соња С.“, Уметничка галерија Надежда Петровиќ, Чачак, 2024 година; „Мирисот на свежо исечено дрво“, кокурирана со Јасна Јакшиќ и Ана Шкегро, Музеј на современа уметност, Загреб, 2024 година; „Ослободување на гласовите“, Кунстахаус Грац, 2025 г. Нејзините најнови книги се „Ненајавени гласови: Кураторска пракса и менување на институциите“ (Sternberg Press / Thoughts on Curating), 2022 и „Другарство: Кураторство, уметност и политика во постсоцијалистичка Европа“ (Independent Curators International (ICI), Њујорк, 2019). Бадовинац е член-основач на L’Internationale, конфедерација на седум модерни и современи европски уметнички институции и беше претседател на CIMAM, Меѓународен комитет за музеи и колекции на модерна уметност, 2010–13. Нејзините најнови книги се „Ненајавени гласови: Кураторска практика и менување на институциите“ (Sternberg Press / Thoughts on Curating), 2022 година и „Другарство: Кураторство, уметност и политика во постсоцијалистичка Европа“ (Independent Curators International (ICI), Њујорк), 2019 година. Бадовинац е членка-основачка на L’Internationale, конфедерација на седум модерни и современи европски уметнички институции и беше претседателка на CIMAM, Меѓународен комитет за музеи и колекции на модерна уметност, 2010–13 година. Во 2020 година Зденка Бадовинац ја добива наградата „Игор Забел“ за култура и теорија.