Израелци поврзани со „Блек Кјуб“ биле во Љубљана на средба со Јанез Јанша во пресрет на изборите
2026-03-19 - 11:44
Пет дена пред парламентарните избори во Словенија беа објавени наодите од истрагата на словенечкото граѓанско општество, која го поврзува Израел со помош за Јанез Јанша да се врати на власт, пренесува Српскиот Данас. Имено, како што пишува израелскиот весник „Хаарец“, повикувајќи се на истрагата што ја спроведе словенечкиот Институт 8 март, водечка прогресивна невладина организација, заедно со истражувачкиот новинар Борут Мекина од медиумот „Младина“, коосновачот на озлогласената израелска приватна разузнавачка компанија „Блек Кјуб“, Дан Зорела, и пензионираниот генерал-мајор на Израелските одбранбени сили, Ѓора Ајланд, допатувале на 22 декември 2025 година со приватен авион во словенечката престолнина и се сретнале со опозицискиот лидер Јанез Јанша. Во извештајот, објавен во понеделникот, се наведува дека пристигнале со приватен авион „Хокер 800XP“, регистриран како 4X-CNZ, во сопственост на компанијата „Ероу Авијејшн“ од Тел Авив, чартер-сервис познат по тоа што опслужува и високи бизнисмени и државни функционери. Според информациите до кои дошол словенечкиот новинар Борут Мекина, во авионот имало четворица израелски патници, а по слетувањето се упатиле кон седиштето на Словенечката демократска партија на Јанша. Јанша сега се обидува повторно да ја преземе власта во земјата, каде што изборите се закажани за недела. Директорката на Институтот 8 март, Ника Ковач, новинарот на „Младина“ Борут Мекина, истражувачот на социјални мрежи Филип Добрaниќ и израелскиот експерт за дигитална манипулација Ахија Шац во понеделникот, пишува словенечки „Дневник“, на прес-конференција го претставиле извештајот за активностите на странска разузнавачка агенција во Словенија пред неделните парламентарни избори. Според нивните наводи, станува збор за израелската приватна разузнавачка агенција „Блек Кјуб“, која наводно стои зад аферата со снимките од прислушување што ја потресува домашната јавност. Мекина на прес-конференцијата изјавил дека претставници на „Блек Кјуб“ во последните неколку месеци трипати престојувале во Словенија – во ноември и декември минатата година, како и во февруари оваа година. Врз основа на сведочење на анонимен извор, кого како новинар го штити, тој тврди дека во декември лично се сретнал со претставници на компанијата и со лидерот на Словенечката демократска партија (СДС), Јанез Јанша. Неколку часа по објавувањето на извештајот, словенечката разузнавачка агенција СОВА, според наводите, му потврдила на парламентарниот Одбор за надзор на разузнавачките служби дека четворица претставници на компанијата „Блек Кјуб“ навистина престојувале во Словенија на 22 декември. Меѓутоа, според истиот извор, СОВА навела дека нема информации дали тие се сретнале со Јанша, ниту потврдила дали израелската фирма била вклучена во изборната кампања на таа партија. Обвинувањата избија во завршницата на тесната изборна кампања во пресрет на изборите на 22 март. Во последните недели, на анонимната веб-страница на англиски јазик anti-corruption2026.com, без наведен сопственик, уредник или контакт-податоци, се појавија тајно снимени видеа од лица поврзани со либералната коалиција на словенечкиот премиер Роберт Голоб, укажува „Хаарец“. На снимките се гледа поранешна министерка и истакнат адвокат како зборуваат за наводни незаконски активности, пишува израелскиот весник повикувајќи се на „The Slovenia Times“. Сите тие тврдат дека снимките се селективно монтирани, како дел од она што тие и многумина други сега го опишуваат како „стинг“ операција, со цел да ѝ се нанесе штета на владејачката партија на изборите. Министерката, на пример, изјавила дека ѝ се јавиле лица кои тврделе дека доаѓаат од британски инвестициски фонд наречен „Стокард Капитал“, кои ја поканиле на состаноци во Виена под изговор за инвестиции во дата-центри. Тие состаноци потоа биле тајно снимани. Се чини дека фондот е лажен, а сите јавно достапни информации за „Стокард Капитал“ во меѓувреме исчезнале. Словенечката истрага повлекува структурни паралели меѓу снимките објавени на анонимната веб-страница и претходните операции на компанијата „Блек Кјуб“, документирани во рамки на политички кампањи, сугерирајќи дека таа фирма би можела да биде поврзана со актуелните настани, со состанокот и летот во заднина.