Сиљановска-Давкова: Најголема гаранција за мирот и безбедноста на Западен Балкан е неговата итна и целосна интеграција во ЕУ
2026-03-03 - 15:57
Верувам дека најголема гаранција за мирот и безбедноста на Западен Балкан и за трајна отпорност на влијание од трети сили, а тоа му го пренесов и на генералниот секретар, е неговата итна и целосна политичка интеграција во Европската Унија, потенцира претседателката Гордана Сиљановска-Давкова на заедничката прес-конференција со генералниот секретар на НАТО Марк Руте, кој е во официјална посета на земјава. Сиљановска-Давкова, како што посочи, очекува на претстојниот Самит на НАТО во 2026 година во Анкара, особено внимание да биде посветено на безбедносната состојба на Западен Балкан, со оглед на актуелните настани и предизвици. Укажувам дека мора да ставиме крај на вештачките причини и на причините од историски и идентитетски карактер за оневозможување на регионалното членство во ЕУ и да се концентрираме на Копенхашките критериуми. Одговорно тврдам дека најголемата инвестиција и гаранција, не само за нашата безбедност, туку и за безбедноста на Европа во целина е нашето членство и членството на Западен Балкан во Европската Унија – порача Сиљановска-Давкова. Посетата на Руте, според Сиљановка-Давкоа е јасна потврда за важноста на сојузничката солидарност и на заедничката одговорност, особено што улогата на генералниот секретар е особено важна. Јас цврсто верувам дека НАТО не е само воен сојуз, туку дека е и заедница на споделени вредности, на споделена одговорност, но и што е најважно, на заедничка визија за безбедна иднина и ние продолжуваме да бидеме одговорна членка на НАТО сојузот – нагласи Сиљановска-Давкова. Руте во рамки на денешната посета имаше обраќање во Собранието пред пратениците, како и средба со премиерот Христијан Мицкоски, собранискиот спикер Африм Гаши, верските заедници и дипломатскиот кор во земјата. Генералниот секретар на НАТО ја посети и касарната „Илинден“ каде што присуствуваше на презентацијата на лесна пешадиска баталјонска група (ЛПБГ) на Армијата и на дел од опремата на оваа единица.