TheNorthmacedoniaTime

Во ова општество жената е оставена сама да докажува, да се штити и залудно да бара помош

2026-03-08 - 06:16

Болната тема за системските пропусти во заштитата на жените-жртви на насилство, уште еднаш ја отвори последната трагедија во која животите ги загубија мајка и ќерка, по неколкукратно пријавувано семејно насилство од сопругот силеџија и насилник. И покрај криците за помош на мајката, случајот остана без соодветна институционална реакција. Смртта на младата мајка и нејзината ќерка уште еднаш ја разголе реалноста – кога институциите не реагираат навреме, насилството завршува со смрт. Во последните години бројките стануваат сè поалармантни. Фемициди, силувања, напади, закани, омраза, возменирување, демнење, уценување, мизогонија и сексизам – не се изолирани инциденти, туку резултат на нашето секојдневие кое ги дехуманизира жените. Последната трагедија во која како резултат на семејно насилство починаа мајка и нејзината 6-годишна ќерка се случи во пресрет на 8 Март, Меѓународниот ден на жената кога традиционално се организира марш на кој главната порака е дека жените никаде не се безбедни и дека борбата за права и борбата против фемицидот и насилството врз жените не смее да остане само симболична. „Постоиме на маргините на општеството и историјата. Под континуиран ризик да бидеме избришани, заборавени, убиени. Не молчиме, не прифаќаме, не се помируваме. Уште колку жени ќе снема додека институциите се неми поддржувачи и поттикнувачи на насилство? Сите надлежни институции кои со години игнорираат, минимизираат, релативизираат, поттикнуваат и дозволуваат насилство врз жени, се виновни. Виновна е и заедницата која избира да им верува на насилниците наместо на жртвите. Во ова општество жената е оставена сама да докажува, да се штити и бега и залудно да бара помош. Во ова општество жената е најнебезбедна токму онаму каде што ѝ е местото – дома. Ова општество ги учи мажите дека имаат надмоќ, дека жените се нивна сопственост и имаат право да ги поседуваат, контролираат па дури и да одземат нашите животи. Со години маршираме и се бориме за достоинство, слобода, безбедност, превенција, заштита и живот без страв. И оваа година ќе маршираме и со пркос кон културата на насилство ќе порачаме – Нема да нè снема. Нема оправдување, нема затајување, нема заборавање. Заедно да им се спротивставиме на насилниците, силеџиите, убијците и институциите“, порачуваат организаторките на маршот. Рекордни 4.745 жени пријавиле семејно насилство во 2025 година Рекордни 4.745 жени пријавиле семејно насилство во 2025 година во Македонија, покажуваат бројките на Министерството за внатрешни работи (МВР), во кои спаѓаат кривични дела, прекршоци и поплаки од семејно насилство. Ако се погледнат бројките од последните пет години, состојбата е загрижувачка. Најчесто сопругите се најпогодената група, што е аларм за воведување засилени мерки за нивна заштита и поддршка. Извор: МВР Мета неодамна пишуваше дека насилството врз жени во Македонија повторно излегува на површина со серија загрижувачки случаи во текот на само еден ден, а за кои извести МВР во еден од последните билтени. Во Скопје и во Делчево, повеќе жени пријавиле физички напади, закани и психичко малтретирање од своите партнери или поранешни партнери. Полицијата постапила по неколку пријави за родово базирано насилство, што е уште еден доказ дека многу жени се изложени на опасност зад затворените врати на своите домови. Според податоците на МВР, во период од пет години евидентирани се дури 26 фемициди. Во 2021 година регистрирани биле четири кривични дела „убиство“ во кои жртви биле четири жени. Во 2022 година биле регистрирани две кривични дела „убиство“ во кои жртви биле две жени. Следната година оваа бројка е 9, меѓу кои една од жртвите е девојче на возраст од 14 години. Во 2024 година, биле убиени пет жени, од кои едно двегодишно девојче, а лани, биле убиени 6 жени. Немаме силни институции кои треба да ги штитат жените-жртви Ана Аврамоска Нушкова од Националната мрежа против насилство врз жени и семејно насилство, смета дека зголемениот број на пријави до МВР од жени жртви се должи на тоа што за оваа тема сè повеќе се зборува јавно, има кампањи, медиумите се поактивни, па информациите што стасуваат до жените се повеќе на број, знаат каде да пријават и знаат кои се нивните права. Според неа, во пракса често се случува жените-жртви да пријават, па да се повлечат и тие случаи завршуваат како поплаки за кои нема правни последици. „Многу пати, жените кога пријавуваат насислство знаеја и да се повлечат, поради економската зависност, заедничкото живеење, многу од нив живеат во семејни куќи со свекор, но и од останатите патријархални норми и родови стереотипи кои сè уште постојат во нашето општество и притисокот од првично најблиското семејство, па потоа од пошироката средина. За кривичното дело телесна повреда каде најчесто се случуваа овие повлекувања на жртвата сега со последните измени на Кривичниот законик при пријава на ова дело ЈО ќе го гони сторителот по службена должност. Но, многу е важно што ние како систем имаме да ѝ понудиме на жртвата за да ја заштитиме. Мора да е да имаме јаки институции и воспоставени, одржливи и географски соодветно распределени специјализирани сервиси, за да можеме соодветно да ја заштитиме жената-жртва која пријавила насилство“, додава таа. Сепак, факт е дека при последниот случај на семејно насилство кое резултираше со смрт на Ивана и Катја, овие измени на Кривичниот законик не беа применети, односно полицијата се откажала од постапување откако жртвата потпишала дека не била физички нападната. Во ваков амбиент, 8 Март претставува потсетник дека институционалната неказнивост и општествената толеранција кон насилството создаваат услови за нови трагедии. Фемицидите, силувањата, заканите и демнењето не се изолирани инциденти, туку последица на систем кој со години ги игнорира предупредувањата и ги остава жените сами да се борат за сопствената безбедност. Женската борба е заедничка и мажите во ова општество тоа мора да го разберат Марта Стевковска, новинарка, авторка, феминистка и активистка за родова еднаквост од мрежата „Стела“, смета дека женската борба е заедничка и мора тоа да го разберат и мажите во ова општество. „Време е да излезат на марш, да повикаат на одговорност, да го осудат насилството и да не вртат глава кога се случува насилство. 8 Март за мене е ден во кој ја продолжуваме борбата на жените од минатото, зашто сепак нив им должиме за правата кои денес ги имаме. За жал, системот ги заборава и ги става на маргините. Наша должност е да ги славиме, да маршираме за нашиот опстанок и да продолжиме да се бориме. Последната трагедија во која беа „убиени“ мајка и дете, повторно го разоткри силеџискиот систем, кој молчи пред насилниците и криминалците, и кој не ја штити жената“, смета Стевковска. Марта Стевковска, новинарка, авторка, феминистка и активистка за родова еднаквост од мрежата „Стела“. Фото: Жарко Чулиќ За жените во ова општество има надеж само ако, како што вели, се настапи здружено и солидарно и гласно и јасно се каже дека жените не смеат да бидат оставени на маргините и незаштитени. „Веќе е време надлежните вистински да нè слушнат и заштитат, односно да си ја вршат работата како што треба, како што е законски. Не е доволно да се каже само стоп за насилство и да се држат говори за тоа дека треба да се пријавува, туку да почне да се постапува и реално да се даде подршка и помош на жртвите на насилство. Секако виновна е и заедницата која го нормализира насилството и ги обвинува жените, врз основа на стереотипи и предрасуди, а тоа понатаму го отежнува и процесот на пријавување“, смета Стевковска. Родовите дезинформации прават голема штета Паралелно со институционалните слабости, јавниот простор е сè повеќе затрупан со родови дезинформации кои го релативизираат насилството, предизвикуваат сè поголема поларизација меѓу мажите и жените и го искривуваат поимот на родова еднаквост. Неодамна, Здружението за унапредување на новинарските практики „Иновативни медиуми“ и Институтот за медиумска разновидност – Западен Балкан, објавија анализа насловена како „Мапирање на родово обележаните дезинформации во Западен Балкан“, чија авторка е Деспина Ковачевска, експертка за мониторинг на медиуми во Фондацијата „Метаморфозис“. Ширењето на дезинформации поврзани со родот придонесува кон поширокиот проблем на погрешни информации, искривувајќи го општественото разбирање за родовата еднаквост и зајакнувајќи штетни стереотипи. „Во 2021 и 2022 година, посебно за време на пандемијата, кампањите за дезинформации беа во голема мера насочени кон бремени жени, со ширење на лажни тврдења дека вакцините против ковид-19 ќе предизвикаат сериозна штета на нивните неродени деца. Овие дезинформации поттикнаа страв и неизвесност, поткопувајќи ги напорите за јавно здравје насочени кон заштита на мајките и бебињата. По пандемијата, дезинформациите се префрлија кон антивакцинални наративи, со тврдења дека вакцините предизвикуваат неплодност кај жените. Во 2023 и 2024 година, бројот на случаи на дезинформации се удвои, со забележлива промена во наративот насочен кон дискредитирање на жените во политиката. Овој тренд стана поизразен поради зголемените напади врз женски политичари, често со фокус на нивниот пол и преку повторување на штетни стереотипи за да се поткопа нивниот кредибилитет и лидерство“, пишува во анализата. Врз основа на анкета предводена од ОБСЕ, пак, за насилството врз жените, спроведена пред неколку години, податоците укажуваат на сложена средина каде патријархалните норми остануваат силни, а значителен дел од населението го гледа семејното насилство како приватна семејна работа, што создава бариери за жртвите кои бараат помош. Така, во однос на перцепцијата за насилство, 60 отсто од жените во Македонија сметаат дека насилството врз жените е „многу“ или „прилично“ честа појава во земјата. Според резултатите од анкетата, за само една година 13 отсто од жените на возраст од 18 до 74 години доживеале физичко, сексуално или психолошко насилство од страна на сегашен или поранешен партнер. Извештајот идентификува специфични бариери во Македонија кои ги спречуваат жените да ги напуштат насилните ситуации или да ги пријават. Жените изразиле длабока недоверба во социјалните служби и полицијата поради страв дека нивните приватни информации ќе протечат во заедницата. Една учесничка изјавила: „Одите во социјалните служби, и службениците таму ќе ве озборуваат, целиот град ќе дознае за вас... тој пријател ќе му каже на мажот ви, и тој ќе дојде и ќе ве претепа“. Патријархатот како традиција Aко се погледнат учесниците на осмомартовските маршови низ годините, како што посочуваат организаторите, драстично поголемо е присуството на жените од мажите. И тоа, според нив, не е без причина. Најчесто општата реплика против овие маршови е „па ги имаат сите права како нас (мажите), што има да протестираат“ или дека „добивањето“ на права на жените значи одземање на некакви си права на мажите. Патријархатот, како општествен систем, им дава одредени привилегии на мажите како група, а истовремено спроведува и дефинира ригидни родови норми за тоа како треба да изгледа машкоста. „И важно е да се напомене дека не треба да е проблем да се признае дека мажите уживаат одредени привилегии, но тоа не значи дека тие не се соочуват со никакви потешкотии со кои треба како општество да се справиме. Но, токму феминистичката борба, на која не треба да се фокусираме само на еден датум како што е 8-ми Март, работи на изнаоѓање не на индивидуални решенија, туку се стреми кон надминување на проблемите на целото општество вклучувајќи ги и мажите. Преку вакви маршови целта е да се отфрлат системите на доминација преку род, класа, сексуалност, попреченост и други маргинализирани идентитети. И баш бидејќи патријархатот се одржува „жив“ преку општествени структури и секојдневни однесувања во кои мажите често имаат поголема моќ, мажите имаат не само капацитет и туку и одговорност да спротивстават на овие системи. Нивното учество сигнализира дека родовата еднаквост не е женско, туку општествено и колективно прашање“, велат активистите. Според нив, присуството на мажите на ваквите настани треба да ги предизвика другите мажи кои се агностични или можеби отворено антагонистички настроени кон феминистичките движења, ако ништо друго, барем заради лични причи да сфатат дека и тие ќе имаат придобивки од приклучување кон борбата. „Со спротивставувањето на патријархатот, мажите исто така ги предизвикуваат штетните начини на однесување што им се наметнуваат и помагаат кон тоа да ваквите агресивни однесувања да се осудуваат, а не да се премолчуваат или уште полошо, да се поддржуваат и бранат“, посочуваат тие додавајќи дека приклучувањето кон феминистичкото двжење не е чин на добротворност кон жените, туку посветеност кон колективно ослободување. Дел од историја на борбата за женските права – Финска лидер во Европа Kлара Цеткин и Роза Луксембург. Фото: Public domain Меѓународниот ден на жената започнал да се празнува или одбележува во поголемиот дел од светот на 8 март од 1975 година откако Обединетите нации на тој ден ја одбележале годината како Меѓународна година посветена на жената. Две години подоцна Генералното собрание на ООН усвојува резолуција со која 8 март го прогласува за Меѓународен ден за правата на жените и меѓународниот мир. Основата за тоа во рамките на ООН започнува уште со формирањето на Комисијата за статусот на жените во 1946 г., а за прв пат во човековата историја, жената е изедначена со мажот во поглед на сите основни човекови права во Универзалната декларација за човековите права усвоена од ООН во 1948 г. Меѓутоа, историјата на борбата на жените за еднаквост со мажите е многу постара и поврзана уште со Француската револуција и нејзините постулати, со социјалистичките движења што се јавуваат при крајот на 19 и почетокот на 20-тиот век во Америка и Европа, при што се бараат еднаквост при работничките права, право на глас и слично. Тука се и најпознатите жени кои ја одбележале раната историја во борбата за правата на жените, Тереза Малкеил (САД), Роза Луксембург, Клара Цеткин и многу други. Меѓутоа, прва европска земја што им дала право на глас на жените било Големото војводство на Финска во 1906 година, а веќе во 1907 година во финскиот парламент имало 17 жени. Германија тоа го дозволува во 1928 година, но неколку други европски земји тоа го чинат многу подоцна во 20-тиот век. Асномска Македонија, правото на глас и сите други права на жената ги изедначува како конститутивен член на ФНРЈ и членка на ОН уште веднаш по Втората светска војна. Пишуваат: Антонија Поповска и Матеј Тројачанец

Share this post: