TheNorthmacedoniaTime

Светски метеоролошки ден: Македонското земјоделство веќе ја живее климатската криза

2026-03-24 - 14:44

Во С. Македонија, каде што има околу 180.000 земјоделски производители, метеорологијата одамна престана да биде само прашање на прогноза – таа е прашање на производство, приход и опстанок. Последната деценија, односно периодот од 2011 дод 2020 година, беше најтоплата откако започнале метеоролошките мерења во земјата, а во истиот период се забележани повеќе од 14 дополнителни денови со топлотни бранови низ целата држава, објавува GIZ.de. Kaко што се наведува, проекциите покажуваат дека до 2050 година просечната годишна температура може да се зголеми за 1 до 3,3 степени cелзиусови. До крајот на векот, според сценарио со средни емисии на стакленички гасови, годишните врнежи би можеле да се намалат за до 20 проценти, а летните врнежи би можеле да опаднат до 30 проценти. „За земјоделството, овие бројки значат само едно: помала предвидливост, поголем ризик и зголемен притисок врз производството на храна. Проекциите исто така укажуваат на сè поголема веројатност за појава на сериозни суши во наредните децении. Тоа значи дека за земјоделците, времето сè помалку е нешто на што можат да се прилагодат само преку искуство, а сè повеќе нешто што бара точни податоци, навремени предупредувања и конкретни решенија на терен“, се наведува во објавата. Професорот Ордан Чукалиев од Факултетот за земјоделски науки и храна (ФЗНХ) предупредува дека проблемот не е само во количината на врнежи, туку и во нивната сè понеповолна распределба. Регионалното климатско партнерство меѓу Германија и Западен Балкан претставува важна платформа за заеднички одговор, размена на знаења и подобрување на отпорноста на земјоделството во регионот. Германската поддршка преку ГИЗ ги поврзува политиките со практиката – на национално ниво во сите шест земји се поддржува развојот на политики за прилагодување на земјоделството кон климатските промени, а во С. Македонија поддршката е дополнета со пилот-проект што демонстрира конкретни решенија. „За жал, врнежите не само што се намалуваат по количина, туку и нивната распределба станува сè понеповолна, што е неповолно за земјоделството. Во текот на вегетацискиот период ќе има уште помалку вода, а истовремено ќе се соочуваме со поплави, бидејќи врнежите ќе бидат поретки, но поинтензивни. Мразовите исто така ќе се појавуваат почесто, заедно со суши и топлотни бранови. Овие промени имаат силно негативно влијание врз земјоделството, кое е директно изложено затоа што се одвива на отворено, каде климатскиот ризик брзо и сериозно се претвора во штета. Мора да донесеме напредни технологии и практики на нивите ако сакаме да ја обезбедиме иднината на нашите деца, бидејќи промените што нè очекуваат се сериозни. Толку сериозни што постои ризик веќе чувствителните и суви подрачја во земјата дополнително да се прошират и уште посилно да нè погодат. Мора да бидеме подготвени. Ова е моментот за дејствување. Ако чекаме промените целосно да нè стигнат, тогаш веќе ќе биде предоцна“, посочува Чукалиев.

Share this post: