Тркалезна маса: „Предизвици во обезбедувањето поддршка и заштита на жртвите на насилство врз жени и семејно насилство“
2026-03-06 - 15:48
На покана на Министерството за внатрешни работи, претседателката на Комисијата за еднакви можности на жените и мажите Жаклина Пешевска учествуваше на тркалезна маса на тема „Предизвици во обезбедувањето поддршка и заштита на жртвите на насилство врз жени и семејно насилство“, на која присуствуваше и министерот за внатрешни работи Панче Тошковски, се наведува во соопштението од собраниската прес-служба. На тркалезната маса учествуваа и претставници на повеќе релевантни институции, организации и граѓански здруженија кои работат на превенција и заштита од семејно насилство. Во дискусијата беа споделени искуства од практиката, предизвиците со кои се соочуваат институциите и организациите, како и потребата од дополнително унапредување на координацијата и меѓусебната соработка. Во своето обраќање, претседателката се осврна на улогата на законодавниот дом, истакнувајќи дека Собранието во изминатиот период донесе повеќе законски решенија со цел подобра заштита на жртвите на насилство врз жените и семејното насилство. Сепак, таа нагласи дека предизвикот останува во нивната доследна и ефективна примена во пракса. Претседателката потенцираше дека донесувањето закони е само првиот чекор, но вистинската заштита на жртвите зависи од нивната целосна имплементација, односно од координирано и одговорно постапување на сите надлежни институции. На крајот од тркалезната маса беа донесени заклучоци и препораки кои ќе придонесат кон унапредување на системот за заштита, подобрување на институционалната координација и обезбедување поефикасна поддршка за жртвите на насилство врз жените и семејно насилство.