TheNorthmacedoniaTime

Контраспин: Аплаузот за премиерот не ја тргна мистеријата имало или не средби со државници во Давос

2026-01-29 - 11:34

Премиерот Мицкоски се пофали дека имал историски успешна посета во Давос, дека таму не бил статист, туку учествувал на три панели и на сите добил аплаузи. Имал и средби со политички лидери, но не кажува со кого конкретно се сретнал, пишува Вистиномер, во написот кој ви го пренесуваме во целост. Чудно е што Мицкоски средбите со светски државници ги чува во тајност. Зошто премиерот кој на овој значаен форум добил громогласни аплаузи не сака да ѝ открие на македонската јавност со кои политички лидери – претседатели и шефови на влади имал средби во Давос? Премиерот Христијан Мицкоски, по враќањето од Светскиот економски форум во Давос, учеството на највлијателната глобална платформа каде што се вкрстуваат интересите на политиката и бизнисот го оцени како историски успешно, па спинувајќи ја вистината одбегна да одговори со кои државници имал средба: Спин: Може да кажам дека историски беше успешно, бидејќи како претседател на Владата бев учесник на три панели со луѓе од врвот на светскиот бизнис, генерално мултинационални компании чијашто вредност често се мери и во трилиони... Да речеме на самата свечена вечера со мене на маса беше главниот извршен директор на „Гленкор“, потоа господинот Џо Донован којшто беше поранешен извршен директор на „IT&T“ – најголемата американска телекомуникациска компанија, сега е член на бордот на „Локид Мартин“, потоа Хаурд Латник, секретарот за економија на САД, а лево од мене беше австрискиот канцелар Кристијан Штокер, директорката на Интерпол итн... На еден од панелите, говорници со мене, бидејќи јас не бев статист таму, или по ходници да барам селфи со учесниците на Давос, туку бев активен учесник на три панели, и морам да кажам, бидејќи беа „Четам Хаус“ штета што не можеме да ги објавиме моите говори, но сите беа проследени со аплауз од страна на присутните... [Извор:Официјален Јутјуб канал на Владата на Република Северна Македонија ( од 8, 40– 10,02 минута од видеото) – Датум: 24.12.2025] Контраспин: Премиерот Мицкоски одговарајќи на новинарски прашања по увидот на инфраструктурните проекти во Гази Баба (27.01.2026) се пофали дека посетата на Давос била историски успешна, дека не бил статист и не трчал да прави селфи, туку имал активна улога. Разбравме дека на форумот учествувал на три различни панели со луѓе од врвот на светскиот бизнис чија вредност се мери во трилиони долари, дека неговите говори биле проследени со аплауз... Кажа и со кои големи и моќни сопственици и менаџери на познати европски и светски компании седел на иста маса за време на свечената вечера, ама не кажа со кои државници се сретнал таму. Во изјавата за медиумите тој на долго и на широко на новинарите им раскажуваше до кого седел на свечената вечера и на панелите, но не откри со кои политички лидери разговарал за време на настанот кој традиционално ги собира светските лидери и најмоќните компании. На 56 -тиот по ред Светскиот економски форум што се одржи од 19 до 23 јануари во Швајцарија под мотото „Во духот на дијалог“, учествуваа 65 шефови на држави и влади, меѓу нив и премиерот Мицкоски, кој „љубоморно крие“ со кој од лидерите таму имал средби. Што навистина зачудува. Загатка: Со кои лидери се сретнал Мицкоски во Давос? Говорејќи за „историски успешната“ посетата во Давос премиерот на новинарите им кажа: Да речеме на еден од тие панели до мене беше главниот извршен директор на АЕС, најголемата офшор американска енергетска компанија чиишто приходи се мерат во трилиони – илјадници милијарди, a лево од мене беше Крис Рајт државниот секретар на САД за енергија, до него беше главниот извршен директор на Светската енергетска агенција, потоа главната извршна директорка на „Арамко“, најголемата компанија од Саудиска Арабија за извоз на нафта и нафтени деривати и енергија и енергенси итн.... (од 10,02 – 10,34 минута од видеото) Тој детално зборуваше за тоа дека светот во годините коишто следат ги детерминира приоритетите, а тоа е вештачката интелигенција, додавајќи дека секое општество коешто тоа нема да го препознае ќе биде осудено на пропаст. Напомена и дека за да функционира вештачката интелигенција потребна е дигитална демократија, дигитално општество и дата центри со робусни, моќни компјутери .... (10,55 –11,24 минута од видеото) Потоа Мицкоски изложи амбициозни планови за земјава и регионот: За да имаме добро и стабилно работење на тие дата-центри, ова дигитално општество за кое зборувам, за дигитална демократија, потребно ни е стабилно снабдување на електрична енергија, што значи нови производни капацитети на електрична енергија. И од она што во еден разговор со главниот извршен директор на Светската агенција за енергетика го разговарав, во следните 10 години потребни се, верувале или не, 40 илјади теравати нови производни капацитети за производство на електрична енергија. Колку е тоа сега – тоа е приближно колку што денеска имаат заедно САД, Канада, ЕУ и Јапонија. Замислете ние како регион, за што мислам да поведам и регионална иницијатива, да привлечеме 0,01 проценти од оваа бројка. Тоа значи дека во следните 10 години, како регион зборувам, Западен Балкан, Србија, Црна Гора, БиХ, Косово, Албанија и Македонија, ако еден инсталиран мегават чини помеѓу милион до два милиона евра, тоа ќе значи 4 трилиони евра инвестициска активност за регионот. Или да бидам попрецизен, 4 илјади милијарди. Или секоја година 400 милијарди евра можност. Тоа ќе се случи – вели Мицкоски. Во тој контекст спомна дека како приоритет на маса ги ставил проектите „Чебрен“, „Галиште“ и „Бошков мост“, кои се само две милијарди од тие 400 што ни стојат како можност секоја година. И за ова објаснуваше детално: Две милијарди кога зборувам, зборувам за период од 7 до 10 години колку што ценам дека е потребно овие капацитети да се изградат. Кога добро ќе се анализира сето ова, ќе сфатиме дека ние како регион немаме капацитет, ниту човечки ниту институционален, да привлечеме 0,01 проценти од овие што ќе се случат, нема бегање. И затоа размислував да го прошириме опфатот со Словенија, Хрватска, Грција, Романија, Бугарија, Турција. Сите овие земји заедно имаат некаде околу 2,5 трилиона бруто, односно номинален БДП, повторно помалку од овие 4 трилиони, што се 0,01 проценти од она што ќе му треба на човештвото во следните 10 години (од 11, 25-до 14,28 мин од видеото) Прашан дали има некоја конкретна инвестиција, тој не одговори прецизно туку само кажа: Има, ќе бидеме сведоци наскоро на многу такви – (од 14, 28 – 14,35 минута од видеото) . И при повторниот обид на новинарите да разберат за кои проекти станува збор и кога може да очекуваме нивна реализација Мицкоски „не се предаде“: Бидете трпеливи, еден по еден проект ќе ги дознае македонската јавност, (16,08 – 16,20 минута од видеото) Ако за ова може да се има разбирање – имиња на инвеститори да не се објавуваат пред да се потпишат сите договори и пред заеднички да се промовира инвестицијата (можеби инвеститорот уште нема конечна одлука од бордот, или се чека конечно одобрување на кредитирањето од банките, па од тие причини се внимава...), нејасно е што го спречува премиерот да открие со кои политички лидери имал средби? Мицкоски прашан конкретно дали во Давос имал средби со некои од шефовите на држави и влади и дополнително што ќе им одговори на опозиционерите кои го прозиваат дека оваа власт ја води државата кон меѓународна изолација (16,38 -16,50 мин од видеото), тој најпрво кажа дека: Времето на дипломатијата на свиткан ‘рбет и снисходливост на дебелите црвени килими помина. Сега е тоа дипломатија што носи реални резултати и се бори и ги чува македонските национални интереси. (17,11 мин.од видеото) А потоа додаде: Инаку, да, имав (средби со странски државници н.з.) и ќе имам сега на Минхенската безбедносна конференција уште такви средби. (17,28 – 17,36 мин. од видеото) Запрашан да открие некое име на државниците со кои се сретнал Мицкоски рече: Мислам дека доволно ви дадов исцрпен одговор. (18,37 -18,39 минута од видеото) Сепак, во најмала рака е чудно што Мицкоски ги чува во тајност средбите со светски државници. Па и покрај „исцрпниот одговор“, останува да лебди прашањето: Зошто премиерот кој на овој значаен форум добил громогласни аплаузи не сака да ѝ открие на македонската јавност со кои политички лидери – претседатели и шефови на влади имал средби во Давос? Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Share this post: