TheNorthmacedoniaTime

Сиљановска-Давкова: Визијата на Борис Трајковски останува наша обврска

2026-02-26 - 13:46

Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова оддаде почит на претседателот Борис Трајковски и на членовите на македонската делегација кои загинаа во авионска несреќа во БиХ. „Дваесет и две години по трагедијата, со длабока тага повторно им оддадовме почит на претседателот Борис Трајковски и на членовите на македонската делегација, чии животи згаснаа во авионската несреќа во Босна и Херцеговина. Претседателот Трајковски ќе остане запаметен како државник, лидер и добар човек, чии живот и политика се темелеа на принципи и вредности. Беше заколнат миротворец, борец за човекови права, длабоко веруваше во македонската европска иднина и демократијата. Неговата визија останува наша обврска! Во знак на сеќавање и благодарност се поклонив пред вечните почивалишта на загинатите членови на делегацијата: Димка Илкова – Бошковиќ, Ристо Блажевски, Миле Крстевски, Марко Марковски и Бранко Ивановски на гробиштата „Бутел“ во Скопје. Делегации им оддадоа почит и на Анита Кришан Лозановска на гробиштата во Велес, на Борис Велинов на гробиштата во населба Илинден и на Аце Божиновски на гробиштата во Бардовци“, напиша Сиљановска-Давкова.

Share this post: