Денеска се избира новиот Јавен обвинител
2026-03-18 - 07:34
Собранието денеска треба да ја одржи 94. седница на која на дневен ред е предлогот Ненад Савески да биде избран за нов државен јавен обвинител. Савески, кој моментно е судија во Основниот кривичен суд – Скопје, за државен јавен обвинител беше номиниран од Владата на 10 март, а за да ја добие функцијата, потребни му се најмалку 61 пратенички глас. Неговата кандидатура следува по оставката на поранешниот обвинител Љупчо Коцевски, а по спроведената постапка, во која учествуваа петмина кандидати. Ненад Савески е роден 1976 година, живее во Гостивар и е магистер по правни науки – казнено право. Магистрирал на Правниот факултет „Јустинијан Први“ при УКИМ во Скопје, каде што ги завршил и студиите. Правосудниот испит го положил во 2003 година. Од 2016 година е судија во Основниот кривичен суд Скопје, во одделот за организиран криминал и корупција. Претходно, од 2009 до 2016 година работел како јавен обвинител во Основното јавно обвинителство, а од 2004 до 2009 година бил стручен соработник во Основниот суд Гостивар. Во овој суд од 2000 до 2002 година работел како судски приправник. Од експертските и меѓународните ангажмани во биографијата на судијата Савески е наведено дека бил експерт во ОБСЕ Македонија, експерт во Национална конвенција за ЕУ – Поглавје 23, како и експерт во проекти на Советот на Европа, ОБСЕ и УСАИД. Член е на работни групи за судски и законски реформи. Работел на проекти за посебни истражни мерки, притвор и за кривична постапка. Од академската кариера, Савески е предавач во Академијата за судии и јавни обвинители, национален тутор и обучувач во програмата HELP на Советот на Европа, како и обучувач за човекови права и кривично право. Тој е автор и коавтор на трудови за посебни истражни мерки, слобода на изразување, клевета и навреда, конфискација на имот, право на приватност, како и на повеќе водичи и стручни публикации. Зборува македонски, англиски, германски, српски и основен албански јазик. Претходно, на местото на Љупчо Коцевски, кој поднесе неотповиклива оставка во декември лани, дојде обвинителката Тополова-Исајловска како в.д. државна јавна обвинителка, која беше единствен кандидат, но не може да биде на позицијата подолго од шест месеци. На дневен ред на денешната седница се и предлогот за избор на член на Судскиот совет што го избира Собранието. Комисијата за избори и именувања утврди предлог листа од двајца кандидати и тоа Cejфула Османи, доктор на правни науки со положен правосуден испит од Градец, Врапчиште и Apбер Исаку, дипломиран правник со положен правосуден испит од Тетово. Пратениците треба да ја утврдат и потребата за носење на измени и дополнување на Законот за пензиското и инвалидското осигурување и измени на Законот за утврдување на јавен интерес и номинирање на стратешки партнер за имплементација на Проектот за изградба на инфраструктурниот Коридор 8 (делница: Тетово – Гостивар – Букојчани и Проектот за Автопатот Требеништа – Струга – Ќафасан) и Коридорот 10 д (делница на Автопатот Прилеп – Битола) во Република Македонија, двата по скратена постапка. На пленарната седница би можело да се очекува на дневен ред да биде ставен и предлогот Ацо Ристов да биде избран за претседател на Регулаторната комисија за енергетика по оставката на досегашниот претседател Марко Бислимоски. Комисијата за прашања на изборите и именувањата вчера го предложи Ристов за претседател на Регулаторната комисија за енергетика. Ристов е дипломиран електроинженер со долгогодишно раководно искуство во секторите енергетика, хидроенергија, водоснабдување, третман на води, рударство и инфраструктурни системи.