Драстично намален транспортот на нафта низ Ормутскиот Теснец по американско-израелските напади врз Иран
2026-02-28 - 19:07
Поморскиот сообраќај низ Ормутскиот Теснец, една од најважните светски рути за транспорт на нафта, е значително нарушен по американско-израелските напади врз Иран и возвратните акции на Техеран, јавуваат светските медиуми повикувајќи се на податоци од аналитичката компанија Кејплер. Според најновите податоци од сервисите за следење на бродови, дел од нафтените танкери се вратиле назад или ја смениле рутата за да избегнат пловење низ теснецот кој се наоѓа меѓу Персискиот Залив и Оманскиот Залив покрај јужниот брег на Иран. Од околу 15:30 часот по локално време во саботата „поголемиот дел од пловилата во областа направиле полукруг, запреле или се пренасочиле кон алтернативни рути надвор од теснецот“, изјавил за Си-Ен-Ен Димитрис Ампацидис, виш аналитичар за ризици во Кејплер. Според компанијата, сообраќајот низ Ормутскиот Теснец е намален за околу 20 до 25 отсто од сабота попладне. Најмалку четири големи танкери за сурова нафта со вкупен капацитет од околу осум милиони барели се вратиле од Персискиот Залив по нападите и иранскиот одговор. Станува збор за бродови на компаниите Орбитер, Јуниверсал Виктор, Митаке и Триквонг Венчр, навел Емануел Белострино, виш менаџер за сурова нафта во Кејплер. Во меѓувреме, британската воена служба за поморска трговија соопшти дека повеќе пловила што оперираат во Арапскиот Залив пријавиле дека Ормутскиот Теснец е затворен. Сепак, оттаму предупредуваат дека не можат независно да ги потврдат овие информации. Потсетуваат дека, според меѓународното право, бродовите имаат право на слободна навигација во меѓународни води дури и ако одделни држави или воени сили воспостават зони на зголемен ризик во областа. Американското Министерство за транспорт препорачало пловилата, доколку е можно, да ги избегнуваат подрачјата на Ормутскиот Теснец, Персискиот Залив, Оманскиот Залив и Арапското Море. Иранските државни медиуми, пак, објавија дека Револуционерната гарда на Иран предупредила дека „поради небезбедната атмосфера околу теснецот како резултат на американската и израелската воена агресија и иранскиот одговор, во моментот не е безбедно да се минува низ теснецот“. Ормутскиот Теснец претставува клучна артерија за глобалниот енергетски пазар преку која дневно минува значителен дел од светскиот извоз на нафта па секое нарушување на пловидбата може да има пошироки економски и безбедносни последици.