TheNorthmacedoniaTime

Стојанче Јовановски ќе биде суден за наведување на самоубиство на Ивана, судењето е за помалку од две недели

2026-03-18 - 10:13

За помалку од две недели Стојанче Јовановски ќе биде суден за наведување на самоубиство на Ивана која загина со пад од зграда во Тафталиџе заедно со шестгодишната ќерка Катја. Во Основниот кривичен суд во Скопје за 30 март е закажано првото рочиште каде Јовановски ќе биде изведен пред лицето на правдата во судска постапка. Обвинителството го товари Јовановски за четири кривични дела – телесна повреда, телесни повреди сторени како продолжено дело на семејно насилство, загрозување на сигурноста и наведување на самоубиство. Обвинетиот, на 2 март на повеќе локации во Скопје, при вршење семејно насилство телесно ја поврeдил неговата сопруга. Ја удирал со шлаканици и со тупаници, нанесувајќи ѝ телесни повреди, од кои таа во еден момент и изгубила свест. Истиот ден, на паркингот зад Основниот кривичен суд Скопје, обвинетиот упатил и сериозни закани кон оштетената дека ќе нападне врз нејзиниот живот и тело, со што предизвикал кај неа чувство на несигурност, загрозување и страв, велат од Обвинителството. Согласно обезбедените докази, додаваат од Обвинителството, обвинетиот подолг временски период сурово и нечовечно постапувал кон оштетената, која кон него се наоѓала во положба на фактичка и егзистенцијална зависност и подреденост, па поради таквото постапување таа на 2 март извршила самоубиство кое може да се припише на небрежност на обвинетиот. Обвинетиот издејствувал сега починатата Ивана Јовановска во ноември 2022 година да му го отстапи со Договор за дар својот идеален дел од станот во кој живееле заедно со нивната малолетна ќерка, со тоа што оштетената и детето требало да останат да живеат во станот. Но, по стекнувањето на сопственоста, обвинетиот започнал психички и физички да ја малтретира, а во 2025 година интензитетот на малтретирањата преоѓа во сурово и нечовечко постапување кон сопругата. Обвинетиот сè почесто ја тепал и ја омаловажувал во нивниот дом во присуство на нивната малолетна ќерка, на јавни места, и пред други сведоци, заканувајќи ѝ се дека ќе ја избрка од домот каде што живееле, и дека ќе ѝ ја одземе нивната малолетна ќерка. Кога на критичниот ден жената повторно била изложена на неговото психичко и физичко малтретирање на повеќе локации, како и на неговите закани и навреди, се вратила во станот заедно со детето. Побарала да се качи сама со ќерката во станот за да се спакува и да замине, но обвинетиот инсистирал да се качи со неа и продолжил да ѝ се заканува. Сведок на настанот го оттурнал обвинетиот и заедно се симнале пред зградата за да ја почекаат оштетената да се спакува, велат од ОЈО. Но, малтретирањето ја довело оштетената во состојба на тешка психичка вознемиреност, страв, безнадежност и чувство на безизлезност, и таа без разумно да управува и да ги контролира своите постапки, извршила самоубиство, скокајќи од терасата на станот од шестиот кат заедно со нивното малолетно дете. Јавниот обвинител до Основниот кривичен суд Скопје достави и предлог за продолжување на претходно определената мерка притвор за осомничениот, поради опасност од бегство и можноста да продолжи да врши насилнички кривични дела. Јовановски е во притвор.

Share this post: