ВМРО-ДПМНЕ: Тврдењата за мигранти од Британија се дезинформации на СДС
2026-03-08 - 10:17
ВМРО-ДПМНЕ обвини дека СДСМ и неговиот лидер Венко Филипче во изминатиот период се обидувале да шират паника во јавноста преку, како што велат, „измислени теми“, со цел да освојат политички поени. Од партијата наведуваат дека една од тие теми била тврдењето за наводно носење мигранти од Велика Британија во земјава. „Оваа лажна конструкција на СДС беше демантирана од сите релевантни институции и беше јасно потврдено дека не постои никаков план да се донесат мигранти од Британија“, се наведува во соопштението. Како што посочуваат од ВМРО-ДПМНЕ, дополнителен демант на овие тврдења дошол и од британскиот амбасадор во земјава, Метју Лосон, кој изјавил дека владата на Велика Британија ниту има намера, ниту пак преговарала за наметнување решение кое не би било прифатливо за македонската влада. Според партијата, Лосон истакнал дека таков договор не постои и никогаш не постоел, со што, како што велат од ВМРО-ДПМНЕ, „целосно се разобличува уште една фабрикувана приказна на СДС“, која имала цел да внесе страв и да ја манипулира јавноста.