Опасноста од излевање на Вардар и Треска е реална
2026-02-16 - 08:30
Утрово сѐ уште е исклучително висок водостојот на реката Вардар во горното течение и сѐ уште постои опасност од излевање во тој дел, соопшти Управата за хидрометеоролошки работи. Водостојот на реката Треска утринава е во намалување но сѐ уште е исклучително висок и на критично ниво и постои опасност од излевање на некои делници по течението. И реката Црна бележи зголемен водостој утрово. Во нејзиниот слив се можни локални заезерувања во Демирхисарско и во Пелагонискиот регион во текот на денов. Водостојот на реката Кичевска полека се повлекува но и таму остануваат заезерени и поплавени површини. До крајот на денот се очекува висок водостој на реката Вардар во горното и во средното течение, како и зголемувања во долното течение на реката кон Демир Капија и кон Гевгелија. Од УХМР предупредуваат на внимателно движење покрај реките и суводолиците во текот на денешниот ден.