Два часа пред смртта на мајката и ќерката, полицијата била на лице место
2026-03-03 - 14:18
Два часа пред мајката Ивана и девојчето Катја да го загубат животот во скопски Карпош, на лице место била полицијата, но бидјеќи мајката не сакала да поведе постапка си заминале. Полицијата, исто така, според тврдењето на министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски, многу добро го познавала насилниот сопруг на Ивана, Стојанче Јовановски. Тој, покрај тоа што бил пријавуван за семејно насилство имал и историја на тежок криминал со 10 кривични пријави за насилство, кражби и трговија со дрога. Полицијата нашла и видео запис од истиот ден на кој се гледа како Стојанче ја удира Ивана. Но, веќе било предоцна. Државата не нашла начин да ги заштити мајката и детето. „Дента кога се случи трагедијата, во 12 часот и 5 минути, во МВР стаса пријава за расправија по што полицајци биле упатени на лице место и пристигнале во 12 и 19 часот. Разговарале со Ивана, која потпишала изјава дека немало физички контакт меѓу неа и сопругот и дека не бара поведување на било каква постапка. Кажала дека брачните односи ги решава со бракоразводна постапка. По ова постапување, заминала и се упатила кон станот каде подоцна се случил трагичниот исход, односно во 14 и 15 часот. Сите овие околности детално се документирани и ќе бидат анализирани. Стојанче Јовановски е лишен од слобода поради осомничен за сторено кривично дело. Ќе има кривична пријава по брза постапка“, информира Тошковски. Во врска со изјавата на Ивана, односно повлекувањето на пријавата, МВР треба да види дали истата била дадена под присила на сторителот, дали ја притискал, дали ѝ влијаел да ја повлече, иако факт е дека најголем број од предметите се затвораат токму зашто жртвата се повлекува и тоа не треба да биде така. Тошковски кажа дека МВР поседува видео запис на кој јасно се гледало како сторителот ја удира жртвата најверојатно истиот ден кога се случила трагедијата. Тој кажа дека има повеќе кривични дела напоменати од инспекторите по кои ќе се гони сторителот Стојанче Јовановски а тоа опфаќа наведување на сторување на самоубиство, нанесување на телесни повреди поврзани со семејно насилство и загрозување на сигурноста. Врз основа на овие дела, лицето е задржано во станица по што ќе бидат преземени понатамошни чекори. Во врска со претходни постапувања, тој кажа дека СВР Скопје поднело вкупно 10 кривични пријави за насилен криминал, имотни деликти и недозволена трговија со дрога. Во 2025 пријавите биле за трговија со дрога, бидејќи кај Јовановски биле пронајдени 20 паковки со дрога (марихуана и амфетамин) по што бил лишен од слобода. МВР доставило кривична пријава, а јавен обвинител побарал мерки на претпазливост, по што тој морал да се јавува во судот. „Во 2025 и во 2026 година има пријави за нарушени меѓучовечки односи и физички напади меѓу сопружниците. Се преземале мерки, но во сите наврати, пријавите биле повлекувани, односно жртвата се откажувала од водење понатамошни постапки“, кажа Тошковски. Во јануари годинава беа усвоени измени во Кривичниот законик поврзани со постапување на МВР во врска со нанесување телесна повреда при семејно насислство. Со тие измени полициските службеници по службена должност треба да постапуваат, но само во случај ако има видлива телесна повреда на жртвите. „Ваквите измени на законот, досега резултираа со 3 поднесени кривични пријави по брза постапка, 2 притвори и 1 случај – мерки за обезбедување присуство, каде имаме детектирано случаи на потенцијално сторено кривично дело. За среќа законот ни дава други овластувања, па ако има видливи физички повреди, нема да може да се повлече жртвата. Ако овде се ангажира ЦСР, ако се охрабрат граѓаните да зборуваат јавно и гласно за овие проблеми, нема да се вакви ситуациите“, кажа Тошковски кој информира и дека со систематизација ќе се формира посебно одделение кое ќе се занимава со овој тип на криминалитет кое ќе функционира на национално ниво. Тошковски најави дека од денеска секој ќе биде посочен како сторител на семејно насилство, ќе биде повикуван во станица на информативен разговор. „Денес ќе пратиме телеграма до сите полициски станици и ќе дадеме напатствија, секој да биде повикуван на разговор. Многу е битно да ја кренеме свеста, јавноста да комуницира со МВР. Таков тип на пријави се зголемени. Ако претходно сме имале само 1 притвор, сега имаме 5. Тоа значи дека жртвите се охрабруваат да комуницираат и само така со кревање на свеста и со фокусирано посветување на сите институции, вклучително и МТСП“, кажа тој. Институциите на системот потфрлија и имаат голем уддел во смртта на мајката и ќерката во Карпош