Андоновски: Наша одговорност е за децата да создадеме дигитален свет во кој технологијата ќе биде алатка за учење, а не извор на ризици
2026-03-06 - 14:07
Министерот за дигитална трансформација, Стефан Андоновски информираше дека денеска присуствувал на промотивното прикажување на едукативниот цртан филм „Кликни безбедно“, реализиран во рамките на проектот MKSafeNet – Центар за побезбеден интернет. „Ова е последната активност со која го завршуваме Месецот на побезбеден интернет и нашиот европски проект MKSafeNet. Филмот е наменет за најмладите и има за цел на едноставен и разбирлив начин да ја доближи важноста на дигиталната писменост, како и безбедното, одговорно и етичко користење на интернетот“, истакна Андоновски во објавата на Фејсбук. Во време кога децата сè порано се среќаваат со дигиталниот свет, министерот вели дека нивна заедничка одговорност е да создадат средина во која технологијата ќе биде алатка за учење, креативност и развој, а не извор на ризици. „Затоа ваквите иницијативи се особено важни – тие ја поттикнуваат соработката меѓу институциите, училиштата и родителите, со заедничка цел: побезбеден интернет за секое дете“, додаде тој. Андоновски исто така посочи дека анимираниот филм ќе биде достапен во сите училишта низ Македонија, а ќе имаат можност да го прикажуваат и сите телевизии. „Министерството за дигитална трансформација останува посветено на политики и проекти кои ја зајакнуваат дигиталната писменост и онлајн безбедноста, особено кај младите генерации“, порача министерот.