Петрушевски: Од вчера, сите се на чисто дека ССМ и СДС делуваат заеднички
2026-03-15 - 11:26
На вчерашниот долгонајавуван протест демек на Сојузот на синдикати на Македонија, на дело се докажа она за кое ние ви укажувавме. Од вчера, сите се на чисто дека ССМ и СДС делуваат заеднички и дека и едните и другите се немоќни и само си се надополнуваат, стои во соопштението на ВМРО-ДПМНЕ од прес-конференцијата на пратеникот Бране Петрушевски. Граѓаните беа сведоци дека на таканаречениот синдикален протест имаше лица со обележја на СДС. Обележјата на СДС и промотивниот материјал може да го видите и вие на фотографиите зад мене. Ова е само доказ дека синдикалците не се организирале сами, дека на синдикалците им помагале локалните штабови на СДС. И тоа им помагале во целата организација на вчерашниот протест. Им помагале лица на СДС од Куманово, Тетово, Струмица и слично. Настанот вчера беше само доказ дека има равенство помеѓу ССМ и СДС, односно дека ССМ и СДС се едно исто. Во конкретниов случај ССМ и СДС ги злоупотребуваат работниците и нивните права само да бидат видливи на општествената сцена. Да нема забуни, ВМРО-ДПМНЕ постојано стои зад работниците и нивните права. ВМРО-ДПМНЕ прави се што може за да се подобри стандардот на секој еден граѓанин. ВМРО-ДПМНЕ го почитува правото на работниците да протестираат и да ги бараат своите работнички права, меѓу кои и повисока плата. Но, ова што се случува не е протест на работници, не е протест за работнички права. Ова е игра на ССМ и СДС да бидат видливи како фактор на пошироката општествена сцена, игра посебно на СДС која како партија сигурно се движи кон пропаст. ВМРО-ДПМНЕ само сака секој да може да ги реализира своите права, а не да биде употребуван или злоупотребуван од различни центри, како во случајов од СДС и ССМ.