TheNorthmacedoniaTime

Дали смртта на Борис Трајковски беше „Трагична несреќа или атентат“ открива новата книга на Десподов

2026-03-23 - 19:24

– Во читалната на Јавната локална библиотека „Илинден“ во Делчево вечерва беше промовирана монографијата „Трагична несреќа или атентат“, дело на авторот Славчо Десподов. -Станува збор за значајно публицистичко издание кое, според присутните, претставува повеќе од обично пишано сведоштво, нудејќи длабока анализа, истражување и осврт на настани што подолг период предизвикуваат интерес во јавноста, истакна во најавата директорката на библиотеката Билјана Петровска. Промотор на делото беше Сотир Костов, главен истражител на авионската несреќа кај Мостар, кој заедно со авторот пред присутните во читалната на библиотеката говореше за процесот на создавање на монографијата, како и за пораките што ги носи. – Ова дело отвора значајни прашања и поттикнува на размислување, при што се нудат нови агли на гледање кон теми кои долго време биле предмет на различни толкувања, истакна Костов. Со промоцијата, роднокрајното одделение на ЈЛБ „Илинден“ – Делчево се збогати со уште еден вреден наслов, кој од денеска ќе биде достапен за читателите. На авторот Славчо Десподов му беше упатена поддршка за понатамошна работа, со желби за нови дела и продолжување на неговиот придонес во публицистиката и културната меморија.

Share this post: