TheNorthmacedoniaTime

Македонија на дното во Европа по дневна консумација на овошје кај децата

2026-03-04 - 12:17

Триесет и еден отсто од децата во Македонија имаат зголемена телесна тежина, а 13,7 отсто од нив живеат со дебелина, што е над европскиот просек (25 отсто и 11 отсто). Зголемената телесна тежина и дебелината е почеста кај момчињата во споредба со девојчињата, покажуваат наодите од студијата на Европска иницијатива за следење на дебелината кај децата (COSI), а за кои информираат во Институтот за јавно здравје (ИЈЗ). „Наодите покажуваат сериозни предизвици поврзани со исхраната и телесната тежина кај децата од 6 до 9 годишна возраст во Македонија“, наведено е во студијата. Како што се наведува, само 25 отсто од децата секојдневно јадат свежо овошје и ова е најниската дневна консумација на овошје во целиот европски регион. „20 отсто од децата консумираат свеж зеленчук секој ден, што, исто така, е меѓу најниските нивоа во Европа“, пишува во објавата. Солени грицки јадат 40 отсто од децата, што е најмногу во однос на државите вклучени во COSI студијата во Европскиот регион. „Повеќе од половина, односно 51 отсто од децата редовно консумираат слатки грицки три или повеќе дена во неделата. 40 отсто од децата поминуваат повеќе од два часа дневно пред екрани (телевизија или електронски уреди). 63,3 отсто од децата пешачат или возат велосипед до училиште. Кај оние што живеат на растојание до 2 km, оваа навика ја практикуваат дури 89 отсто“, евидентирано е во наодите на студијата. Во однос на физичката активност, исто така се наведува дека 94 отсто од децата секојдневно имаат најмалку еден час активна игра со умерен до силен интензитет. „48,2 отсто активно спортуваат или танцуваат повеќе од два часа неделно. Во однос на спиењето, големо мнозинство, 88,6 отсто, спијат најмалку 9 часа навечер“, пренесува ИЈЗ. Децата со зголемена телесна тежина и дебелина живеат во семејства чии родители имаат низок или среден степен на формално образование. „Децата кои практикуваат навики кои поддржуваат здравје, живееле со родители кои имале повисок степен на образование. Постои ниска свесност кај родителите за препознавање на зголемената телесна тежина и дебелината кај нивните деца. За повеќе од половина од децата кои живеат со зголемена телесна тежина и/или дебелина, родителите перципирале дека телесната тежина на нивните деца е во препорачани граници на „нормална телесна тежина“, пишува во студијата. Според надлежните во ИЈЗ, ваквите наоди ја нагласуваат итната потреба од системски интервенции во училишната и семејната средина на децата, за да се промовира нивен здрав раст и развој. „Интервенции се потребни и во други области. Реформулацијата на храната, информациите поврзани со храната, рекламирањето, урбаната околина и можноста за практикување безбедно движење и физичка активност се само дел од нив“, пишува во објавата. Во интервју за Мета, д-р Игор Спировски од Институт за јавно здравје, зборувајќи на оваа тема, кажа дека родителите треба прво да ги прифатат патеките на однесување кои нема да промовираат дебелина. „Треба да бидат свесни дека како се однесуваат тие, така се однесуваат и нивните деца. До еден период децата не можат сами да носат одлуки, туку го следат тоа што го прават родителите. А во однос на училиштната средина, каде што најмногу може да се делува, би препорачал следење на актите кои веќе се донесени, коишто веќе ги има донесено Министерството за образование и наука и Министерството за труд и социјална политика. Институтот за јавно здравје срдечно помагаше да се донесат тие акти, правилници за стандардите на оброците и во градинки и во основно училиште, така што доколку ги следиме нив, мислам дека ќе ја подобриме ситуацијата. А надвор од училиштата, во заедниците во градовите во локалните средини и таму има многу што да се направи, така што тоа е веќе следно на кое треба да се фокусираат носителите на одлуки“, рече Спироски.

Share this post: