Најголема гаранција за мирот е членството во ЕУ, рече Силјановска-Давкова по средбата со Марк Руте
2026-03-03 - 13:27
Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова, денеска го пречека генералниот секретар на НАТО, Марк Руте. На заедничката прес конференција Сиљановска-Давкова истакна дека посетата на Руте, која доаѓа во време на геополитичка неизвесност и глобални тензии, војна на европско тло, како и сериозните безбедносни предизвици на Блискиот Исток, е потврда за важноста на сојузничката солидарност и заедничка одговорност на алијансата. Претседателката Сиљановска-Давкова го информирала генералниот секретар Руте дека земјава го спроведува планот за инвестиции во одбраната со издвојување на одреден процент од БДП до 2035 и ги исполнува целите за способностите. „Тоа е инвестиција во заедничката безбедност. Исполнет е процентот за инвестиции во одбраната од два отсто,а од нив 30 отсто се наменети за опрема и модернизација“, рече Сиљановска-Давкова и потенцира дека најголема гаранција за мирот и безбедноста на Западен Балкан и заштита од влијанија од трети страни е итна и целосна политичка интеграција во ЕУ. Генералниот секретар Руте посочи дека Македонија е вреден сојузник на НАТО кој дава повеќе од 2 проценти од БДП за одбрана и прави напори да достигне до ветените пет. „Македонија игра значајна улога во безбедноста на Западен Балкан. Регионот е од стратешко значење и нема да дозволиме да се појави безбедносен вакуум“, посочи Руте и ја пофали поддршката на Македонија за Украина. Тој потсети дека сите сојузници мора да дадат поголем придонес за одбраната, за да се постигне поголема безбедност, економски раст и работни места. „За 4 месеци следува Самитот на НАТО во Анкара каде мора да покажеме дека созуниците даваат свој придонес за одржување на одбраната и на зголемената подршкаа на Украина, за што знаеме дека можеме да сметаме на Македонија“, рече Руте.