Вработен во РЕК Осломеј пријавил дека има бомба за да си оди порано од работа
2026-03-05 - 09:56
Полиција уапси вработен во РЕК Осломеј кој ноќеска лажно пријавил дека има сознанија дека во комбинатот има поставено бомба, само за да може порано да си замине од работа. Како што информираат од Министерството за внатрешни работи, Р.Б.(44) од Кичево ноќеска во 2:25 часот испратил порака на својот шеф со која го информирал дека, имал сознание дека во еден оддел во РЕК „Осломеј“ има поставена бомба. „По преземени мерки и извршени проверки со обезбедувањето, полицијата констатирала дека нема поставено бомба и дека се работи за лажно пријавување. Подоцна, во 03:30 часот Р.Б. е пронајден во викенд куќа во кичевското село Осломеј и е лишен од слобода. Притоа, тој признал дека е лажна пријавата и дека го измислил тоа за да може порано да си замине од работа“, информираат од СВР Охрид. Р.Б. е задржан во полициската станица во Кичево и по целосно документирање на случајот, против него ќе биде поднесена соодветна пријава.