TheNorthmacedoniaTime

Преку истражување на фосили во Сахара откриен е нов диносаурус – Спиносаурус мирабилис

2026-02-24 - 10:56

Меѓународен тим палеонтолози предводен од Пол Серено (Paul Sereno) од Универзитетот во Чикаго објави нов вид спиносаурус – Spinosaurus mirabilis, преку научен труд во реномираното научно списание Science на 19 февруари. Трудот за нов вид на спиносаур со „кикиришка во вид на сабја“ („Scimitar-crested Spinosaurus species from the Sahara caps stepwise spinosaurid radiation“) е објавен по повеќегодишна анализа и научна рецензија, што претставува стандардна процедура пред официјално признавање на нов вид во палеонтологијата. Иако фосилните остатоци биле откриени пред неколку години, резултатите не биле јавно претставени како нов вид сѐ додека не завршиле морфолошките споредби, анализите и процесот на стручна рецензија. Објавата во списанието Science е клучен чекор за верификација од независни експерти. Фосилите биле првично пронајдени во 2019 година во централен Нигер, на тешко достапна локација во пустината Сахара. Тимот поддржан од Нешнал џиографик повторно се вратил во 2022 година за дополнителни ископувања, при што биле откриени нови делови од черепот и други анатомски структури кои овозможиле поцелосна научна анализа. Според официјалната објава на Универзитетот во Чикаго, локалитетот во Сахара е меѓу најизолираните и логистички најсложени теренски наоѓалишта во регионот. „Откритието беше толку ненадејно и зачудувачко што предизвика силни емоции кај членовите на тимот“, изјавил Серено опишувајќи го моментот кога тимот првпат ги анализирал новите фосилни остатоци. Универзитетот во Чикаго објави и снимки од моментите на откритието. Во изјава за американската телевизија Еј-Би-Си, д-р Серено нагласил дека локалитетот не е значаен само поради новиот вид спиносаурус, туку и поради богатството од други фосили пронајдени таму, вклучително и риби кои најверојатно биле плен на овие граблици долги околу 12 метри. Рибите биле големи колку автомобил, долги околу 4 метри. Според д-р Серено, подрачјето има потенцијал за уште многу откритија во иднина. При двете експедиции, научниците соработувале со локалното население Туарези. Тие работат со властите на Нигер на воспоставување природонаучен музеј во главниот град Нијамек, кој го претставува природното наследството на земјата. Во периодот Креда (од пред 145 до 66 милиони години), Северна Африка не изгледала како денешната пустинска Сахара. Големи делови од регионот биле покриени со плитки мориња, речни системи и делти поврзани со древниот океан Тетис. Морфологијата на спиносаурусите со издолжена муцка, конусни заби прилагодени за фаќање риби и карактеристики што упатуваат на движење во вода, укажува на полуводен начин на живот во плитки води и речни притоки. Денешните фосилни наоѓалишта во Египет, Мароко и Нигер се наоѓаат во суви пустински региони, но карпестите слоеви во кои се пронајдени потекнуваат од поранешни морски и речни седименти. Со повлекувањето на морето, тектонските движења и милиони години ерозија, овие древни екосистеми се претвориле во денешниот пустински пејзаж. Првиот вид од родот Spinosaurus – Spinosaurus aegyptiacus – бил опишан во 1915 година од германскиот палеонтолог Ернст Штромер (Ernst Stromer) врз основа на фосили од Египет. Оригиналните примероци биле уништени при бомбардирање за време на Втората светска војна што со децении ја ограничувало можноста за подетална реконструкција на овој род. Подоцнежните откритија во Северна Африка овозможија нови анализи и ревизии на перцепциите на нивниот изглед, познати по своевидно „едро“ на грбот. Палеонтологот Низар Ибрахим од британскиот Универзитет во Портсмут во 2008 година, идентификувал примероци на фосили од спиносаурус во Мароко што го поттикнале да организира теренски истражувања во Сахара. Во 2014 година, тој и неговиот тим објавија студија што укажуваше дека Spinosaurus aegyptiacus бил прилагоден на полуводен начин на живот. Подоцнежните експедиции, особено меѓу 2015 и 2019 година, доведоа до откритија на дополнителни фосили, вклучително и опашка со карактеристики што укажуваат на движење во вода, што дополнително ја зацврсти хипотезата за неговата адаптација на водена средина. Геолошките истражувања покажуваат дека во мезозоикот делови и од денешна Македонија биле покриени со плитки мориња поврзани со океанот Тетис. Морските седименти и фосилите од морски организми во земјата сведочат за таквата палеогеографија. Кај нас досега се пронаоѓани главно фосили од морски без’рбетници, како амонити, белемнити и морски школки. Сепак оваа геолошка историја остава можност дека во иднина би можеле да се откријат и други остатоци од древниот живот во некогашните плитки води и крајбрежни екосистеми. Популарноста на спиносаурусот значително порасна по неговото појавување во филмската франшиза „Паркот јура“ (Jurassic Park), каде што во одредени продолженија е прикажан како сериозен конкурент на тираносаурусот (Tyrannosaurus Rex). Иако филмските интерпретации често ја нагласуваат драматичноста, научните сознанија за овие диносауруси се темелат на теренски истражувања, детални морфолошки анализи и објавување во рецензирани научни списанија. Сепак, спиносаурусите и тираносаурусите живееле во сосем различни временски периоди и животни средини и веројатноста дека се среќавале е речиси непостоечка. Спиносаурусите живееле во текот на средината на периодот Креда, пред 95-100 милиони години, додека тираносаурусите во доцната Креда, пред 66-68 милиони години.

Share this post: