Министерството за правда на САД обвинето за прикривање на досиеја поврзани со Трамп и Епштајн
2026-02-26 - 14:39
Демократ во конгресниот комитет што го истражува Џефри Епштајн го обвини Министерството за правда на САД дека ги крие досиејата што содржат обвинувања за сексуална злоупотреба на малолетничка против претседателот Доналд Трамп, објави Би-Би-Си. Роберт Гарсија, кој е член на Комитетот за надзор на Претставничкиот дом, рече дека лично ги видел документите што го содржат тврдењето, а не се објавени јавно. Тој изјави дека имал увид во документи кои „јасно покажуваат“ дека една жена изнела дополнителни обвинувања против Трамп. Гарсија побарал од јавната обвинителка Пам Бонди тие материјали да бидат објавени. Од Министерството за правда одговорија дека „ништо не е избришано“, наведувајќи дека одредени документи биле задржани затоа што се дупликати, привилегирани материјали или дел од тековни федерални истраги. Во претходни соопштенија, институцијата наведе и дека дел од документите содржат „невистинити и сензационалистички тврдења“ против Трамп. Трамп повеќепати негираше вмешаност во незаконски активности поврзани со Епштајн и изјави дека е „целосно ослободен од вина“. Од Белата куќа соопштија дека администрацијата објавила илјадници страници документи, соработувала со Конгресот и иницирала дополнителни истраги. Случајот повторно се актуализира откако американски медиуми објавија дека индексите и сериските броеви во досиејата сугерираат дека ФБИ спровело четири интервјуа со жена во 2019 година како дел од истрагата за соучесничката на Епштајн, Гислен Максвел, која беше затворена во 2022 година за трговија со луѓе. Но, повеќе од 50 страници од интервјуата и белешките, не се достапни на веб-страницата на Министерството за правда. Жената им рекла на федералните агенти дека Епштајн ја силувал како малолетничка во раните 1980-ти, според еден од редигираните документи. Според други записи во досиејата, жена – за која Гарсија рече дека во нередактираните документи е потврдено дека е истата обвинителка – тврдела дека била сексуално злоставувана од Трамп во одреден момент помеѓу 1983 и 1985 година, кога имала од 13 до 15 години. Ова тврдење е содржано и на друго место во досиејата на Епштајн, во список составен од ФБИ за обвинувања упатени против Трамп. Демократите во Комитетот за надзор оценија дека станува збор за „најголемо прикривање од страна на владата во модерната историја“ и побараа целосна транспарентност. Министерството за правда, пак, ги обвини за политизирање на случајот и најави дека ќе провери дали некои документи биле неправедно задржани. Името на Трамп се појавува во дел од објавените документи, но самото споменување, според Министерството за правда, не имплицира незаконско постапување.