ДУИ даде поддршка на САД: Албанците стојат рамо до рамо со стратешкиот партнер
2026-03-02 - 10:47
Демократската унија за интеграција дава поддршка на САД во време на предизвици за меѓународниот поредок и за безбедноста, соопшти денеска лидерот Али Ахмети. Тој нагласи дека ставот на партијата е јасен и непоколеблив, целосна солидарност со САД и со секој напор за заштита на мирот, стабилноста и глобалната безбедност. Ахмети посочи дека сојузот со САД не е само дипломатска ориентација, туку стратешка и вредносна определба. „Наш избор е да стоиме на страната на демократијата, основните слободи, владеењето на правото и меѓународната одговорност. Нашата држава, а особено албанскиот народ, добро знае што значи американска поддршка во клучните моменти од историјата, и затоа и денес стоиме рамо до рамо со нашиот најголем стратешки партнер“, посочуваат од ДУИ. Според Ахмети нападите и дестабилизирачките потези на Иран што ја поткопуваат безбедноста на земјите од Заливот и го загрозуваат кревкиот мир на Блискиот Исток, не му служат на никого. „Тие не служат на развојот, не служат на коегзистенцијата, ниту на легитимните аспирации на народите за просперитет. Секој режим што избира конфронтација наместо соработка и извоз на кризи наместо дијалог се става во спротивност со духот на нашето време“, посочи Ахмети и додаде дека слободата на движење, енергетската стабилност, борбата против тероризмот и заштитата на меѓународниот поредок се заеднички одговорности, а улогата на Соединетите Американски Држави е гарант на рамнотежата и фактор на стабилност.