Влада: Професионализмот во медиумите не е опција, туку обврска
2026-03-24 - 16:14
Заштитата и унапредувањето на слободата на медиумите и правото на новинарите да поставуваат прашања од јавен интерес, без никакви ограничувања или притисоци се наша обврска, но истовремено, нагласуваме дека ова право подразбира и обврска за професионално, достоинствено и етичко однесување. Слободата на изразување не смее да биде изговор за нарушување на личниот и институционалниот интегритет, стои во реакцијата на Владата, објавена денеска, а во врска со вчерашниот случај во Тетово, на кој новинар и се обрати на министерката за образование и наука со прашање дали со себе носи преведувач на албански. Во соопштението се истакнува дека во насока на зачувување на достоинството на јавниот дискурс, унапредување на демократските вредности и заштита на интегритетот на институционалната комуникација, Владата чувствува обврска јавно да реагира на неодамнешниот настан кој отвори сериозни дилеми за почитувањето на основните принципи на професионално и етичко однесување во медиумскиот простор. Во таа насока, изразуваме сериозна загриженост и остра реакција на неодамнешниот настан на јавен медиумски настан, при кој новинарот Невриј Адеми, со очигледно несоодветен тон, непримерна реторика и недолично формулирано прашање се обрати кон министерката за образование и наука, Весна Јаневска. Особено не загрижува фактот што ваквиот непримерен однос не претставува изолиран инцидент, туку повторување на веќе забележано однесување кон истата носителка на јавна функција. Ова отвора сериозни прашања за почитувањето на основните професионални стандарди, етички норми и принципи на комуникација во јавниот простор – наведуваат од Владата. Воедно, Владата јасно им укажува на сите носители на јавни функции дека од нив се очекува највисоко ниво на почит и коректност кон медиумите и новинарите. Но, исто така, со еднаква сериозност очекува и новинарите да возвратат со ист степен на професионализам, почит и одговорност. Почитта е и мора да остан двонасочна вредност во секое демократско општество, додаваат од Владата. Оттука, апелираме до Советот за етика во медиумите, Здружението на новинарите и Самостојниот синдикатот на новинари и медиумски работници, како релевантни организации, јавно и недвосмислено да го осудат ваквиот чин на однесување. Очекуваме нивна активна улога во зајакнување на професионалните стандарди, како и упатување јасен повик до сите медиумски работници за доследно почитување на етичките принципи, достоинството на личноста и културата на јавен дијалог – се вели во соопштението. Ваквите ситуации, додаваат од Владата, кога јавната комуникација се одвива надвор од рамките на пристојноста и меѓусебната почит не смеат да останат без соодветна институционална реакција, имајќи ја предвид нивната поширока импликација врз квалитетот на јавниот дијалог и довербата во институциите. Како Влада изразуваме и искрена благодарност до сите новинари и медиуми кои со своите јавни реакции веќе јасно, принципиелно и недвосмислено го осудија ваквиот чин, демонстрирајќи високо ниво на професионална зрелост и посветеност кон етичките стандарди. Само преку заемна почит, одговорност и придржување кон високите професионални стандарди може да се гради здрав, демократски и кредибилен медиумски амбиент, кој ќе биде во служба на јавниот интерес – се нагласува во владината реакција. Министерката за образование и наука Весна Јаневска, вчера во Тетово, за време на промоцијата на реновираното училиште „Моша Пијаде“ од новинарот беше прашања дали со себе зела преведувач. Си зема преведувач, министерке? и рече тој, по што Јаневска рече дека не зела. На тоа новинарот и одговори: „ти кажавме кога ќе дојдеш во Тетово да земеш преведувач“. На тоа Јаневска рече дека не и треба преведувач и дека не знае кому му треба преведувач во Македонија за македонски јазик.