TheNorthmacedoniaTime

Македонија е рангирана меѓу најуспешните земји во светот во намалување на смртноста кај децата под пет години

2026-03-19 - 10:03

Македонија е рангирана меѓу најуспешните земји на глобално ниво во намалување на неонаталната смртност и смртноста кај децата под петгодишна возраст, објави денеска министерот за здравство Азир Алиу. Алиу на заедничката прес-конференција со претседателката на Комитетот за безбедно мајчинство, д-р Ирена Алексиоска Папестиев и шефот на Канцеларијата на СЗО во Македонија, д-р Аким Али, како и претставници на УНИЦЕФ и УНФПА ги презентираа резултатите од најновиот извештај на меѓуагенциската група на Обединетите нации за проценка на смртноста кај децата за 2025 година Државата е препознаена како пример за успешна имплементација на интегрирани и координирани здравствени политики. Во изминатиот период е евидентиран значителен напредок, при што стапката на неонатална смртност е намалена за 87 проценти, од 8,1 на 1,1 на 1.000 живородени деца, додека стапката на смртност кај деца под пет години е намалена за 75 проценти, од 11,1 на 2,8 на 1.000 живородени деца. Остварените резултати се плод на континуирани системски реформи, зајакната институционална координација и партнерство со релевантните меѓународни организации, како и имплементација на сеопфатни мерки за унапредување на квалитетот на здравствената заштита, истакна министерот Алиу. Во таа насока, особено значајни се активностите насочени кон зајакнување на итната акушерска и неонатална нега, ревидирање и усогласување на клиничките протоколи, унапредување на практиките за реанимација на новороденчиња и превенција на инфекции, како и подобрување на системот за медицински транспорт. Паралелно, Министерството за здравство доследно го спроведува мастерпланот за перинатална нега 2020–2030, кој обезбедува воспоставување стратифицирана перинатална мрежа, согласно нивото на ризик и овозможува континуирано унапредување на квалитетот на здравствените услуги на сите нивоа на здравствена заштита. Д-р Ирена Алексиоска-Папестиев рече дека во 2015 беше забележано значително зголемување на неонаталната смртност и тогаш биле преземени акции на национално ниво, со фокус на подобрување на мајчината и неонатална грижа / Фото: Министерство за здравство Директорката на Клиниката за гинекологија и акушерство (ГАК) и претседателка на Комитетот за безбедно мајчинство, д-р Ирена Алексиоска-Папестиев, рече дека во 2015 беше забележано значително зголемување на неонаталната смртност и тогаш биле преземени акции на национално ниво, со фокус на подобрување на мајчината и неонатална грижа. Прво што беше направено, беа ажурирани клиничките протоколи за мајчино и неонатално здравје, беа подобрени реанимацијата, превенцијата на инфекциите, беше инвестирано во опрема и здравствен кадар, како и подобрување на транспортот, односно соодветно упатување на ризичните пациенти во соодветната институција. Беа преземени дополнителни активности за координација на национално ниво, на тој начин што беше создаден Комитетот за безбедно мајчинство и примарни институции за ревизија на перинаталната смртност, изјави д-р Алексиоска – Папестиев. ​ Како што кажа таа прв важен чекор бил преземен во 2018 година, кога била направена проценка на перинаталната грижа во нашата држава, којашто била поддржана од УНФПА, Светската здравствена организација и УНИЦЕФ. Резултатите од проценката укажаа дека и покрај тоа што постои територијална покриеност за перинатална грижа, сепак системот се соочува со одредени предизвици, како недоволна пренатална грижа, координираност меѓу пренаталната, породилниот и постнаталната грижа, преоптовареност на терциерните центри (значи слевање од сите региони во терциерно ниво, што значи централизација), со недоволна развиеност на периферијата и несоодветен транспорт и искористување на сите можности што може да ги има низ целата држава. ​Со цел да се евидентира каде се точно пропустите, Министерството за здравство во 2019 година ја формираше Националната комисија за ревизија на перинатална смртност и беше донесена одлука секој смртен случај на новороденче да биде ревидиран, односно да се види каде е пропустот во системот, за соодветно, во зависност од тие пропусти и проблемите каде што се во системот, да се креираат политиките и понатаму да се делува во подобрување на клиничката пракса и организирање. Односно, политиките се креираат во зависност од резултатите коишто беа наведени од извештаите подготвени од Светската здравствена организација и УНИЦЕФ за перинатална смртност за 2019 година, 2020 и последниот извештај 2021 и 2022 година. Значи, се гледаше каде се пропустите и во зависност од проблемите коишто се наоѓаа во системот беше креирана политиката каде што ние понатаму работиме, изјави директорката на ГАК. ​ Македонија е препознаена како пример за успешна имплементација на здравствени политики, изјави министерот Азир Алиу / фото: Министерство за здравство Д-р Алексиоска – Папестиев кажа дека прво бил направен пилот проект во Битола и Тетово, а потоа истиот бил распределен низ целата држава, дополнително бил инвестирано во обука на здравствените кадри, затоа што навистина било препознаено дека здравствените работници се сепак основниот двигател и носител на грижата за неонатална неонатална грижа кај пациентите. ​ Беше инвестирано и во обука и сите овие долгогодишни процедури коишто беа преземени доведоа до овој резултат со којшто денеска навистина сметам дека ние мора да бидеме задоволни, затоа што сме кажани како една држава со исклучителен напредок во подобрување на перинаталната смртност и смртноста на дечињата до пет години. ​Ова покажа дека системски кога ќе се работи врз база на стандарди и протоколи, секако и со партнерство, тука се вклучува Министерството за здравство коешто ги координира здравствените институции, со техничка поддршка од Светската здравствена организација, УНИЦЕФ и УНФПА, ние можеме навистина да влеземе во оние меѓународни стандарди. За резултатите коишто ги презентираше министерот денеска, да кажеме дека од 2015 година до денес перинаталната смртност е намалена за 87%, а смртноста кај дечињата е намалена за 75%. Се разбира, ние нема да бидеме задоволни само со ова и понатаму предизвикот останува. Она што сакам да истакнам дека е потребно зајакнување и имплементација на Мастер планот, детектирање на оние региони каде што нема соодветно одговарање за третман на дечињата, значи на перинаталната грижа, на предвремено родените, да се зајакнат, изјави д-р Алексиоска – Папестиев. ​

Share this post: