TheNorthmacedoniaTime

ФФМ со важни информации за сите македонски навивачи што ќе бидат во Копенхаген

2026-03-24 - 11:35

Фудбалската федерација на Македонија објави важни информации за сите навивачи што ќе бидат во Копенхаген за натпреварот против Данска в четврток. Против Данска Македонија ќе игра во терминот од 20:45 часот на стадионот „Паркен“ во полуфиналниот бараж за Светското првенство. На трибините се очекува бројка од околу 1.000 македонски навивачи. Ќе потсетиме, подобриот од овој дуел во финалниот бараж ќе игра против победникот од второто полуфинале помеѓу Ирска и Чешка. „Фан зоната за македонските навивачи ќе биде лоцирана во „The Old Irish Pub“ и ќе биде отворена од 12:00 часот на денот на натпреварот. Организираното движење кон стадионот ќе започне околу 18:30 часот, при што дел од патувањето ќе се реализира со бесплатен воз, а дел пеш, во координација со локалната полиција. Вратите на стадионот ќе бидат отворени од 19:15 часот. Македонските навивачи ќе бидат сместени во секторот D1, додека носителите на билети од прва категорија во секторот A9. Влез во други сектори нема да биде дозволен. Важно е да се напомене дека по влезот на стадионот, излегување и повторно влегување нема да биде дозволено. Сите навивачи задолжително треба да носат важечки личен документ (лична карта или пасош), кој ќе го приложат на барање на службените лица. Билети нема да се продаваат на денот на натпреварот, а паркинг просторот околу стадионот е со ограничен капацитет, со наплата и по принципот „прв дојден – прв услужен“. Во однос на дозволените реквизити, знамиња и банери се дозволени со максимални димензии од 1м x 1,5м, при што сите знамиња со текст мора да бидат претходно одобрени. Во спротивно, нема да биде дозволено нивно внесување. Не е дозволено внесување на фотоапарати, камери, храна и пијалоци. Ранци и чанти се дозволени само до големина на формат А4. Строго е забрането внесување на пиротехника, огномети, чадни бомби и други опасни предмети. За внесување на дополнителни реквизити како тапани, мегафони и слично, потребно е претходно да се достави формално барање со фотографија од предметите и контакт информации од лицето кое ќе ги носи. Предмети без претходно одобрение нема да бидат дозволени. Барањата можете да ги доставите на е-пошта: zoran.sazdov@ffm.com.mk“, објавија од федерацијата.

Share this post: