TheNorthmacedoniaTime

ДЗР констатирал слабости во начин на организација на инспекцискиот надзор од областа на урбанизмот

2026-03-12 - 10:58

Државниот завод за ревизија (ДЗР) извршил ревизија на финансиските извештаи и ревизија на усогласеност на Државниот инспекторат за градежништво и урбанизам (ДИГУ) за 2024 година, при што констатирал сериозни слабости и неправилности во работењето Ревизијата се однесува на финансиските извештаи на институцијата, која работи преку 637 сметки, а во извештајот се наведува дека утврдените состојби укажуваат на потреба од подобрување на финансиското управување и организацијата на инспекциските активности. Еден од клучните наоди на ревизорите се однесува на начинот на кој институцијата го спроведува пописот на средствата и нивните извори. Во извештајот се констатира и дека не била направена процена на реалната вредност на дел од имотот со кој располага институцијата. „Не е извршена процена на пазарната вредност на градежните објекти“, посочуваат ревизорите. Овие недостатоци, според ревизијата, можат да влијаат врз реалното прикажување на вредноста на средствата во финансиските извештаи. Ревизорите утврдиле слабости и во системот за пресметка и исплата на плати. „Слабости се утврдени во процесот на пресметка и исплата на плата“, се наведува во документот. Освен финансиското работење, ревизијата укажува и на проблеми во начинот на кој е организиран инспекцискиот надзор, особено во делот на урбанизмот. „Утврден е несоодветен начин на организација на инспекцискиот надзор од областа на урбанизмот“, пишува во извештајот. Ревизорите утврдиле и пропусти во известувањето за постапувањето по претставките и предлозите од граѓаните. „Недоставени се шестмесечни извештаи за податоците што се однесуваат на постапувањето по претставките и предлозите“, посочуваат ревизорите. Ревизијата посочува и на проблем во управувањето со институцијата. Според извештајот, од 2018 година функцијата директор на инспекторатот ја извршуваат вршители на должност подолго од законски дозволениот рок. „До моментот на вршење на ревизијата, функцијата на директор ја обавуваат вршители на должност назначени со Решенија31 од страна на Владата и тоа за периоди подолги од шест месеци, со што се создава ризик раководењето со ДИГУ да биде извршувано од страна на лица кои не ги исполнуваат законски дефинираните услови “, стои во извештајот. Ревизорите укажуваат и на кадровски проблеми во институцијата, кои можат да влијаат на ефикасноста на инспекцискиот надзор. „Согласно Правилникот за внатрешна организација, за вршење на дејноста од областа на урбанистичкото планирање, во рамки на Секторот за инспекциски надзор од областа на градежништвото и урбанизмот, формирано е Одделение за инспекциски надзор од областа на урбанизмот со систематизирани 8 работни места за инспектори, од кои во текот на 2024 година пополнети се само две“, вели извештајот. Државниот завод за ревизија дал пет препораки за подобрување на работењето на институцијата, со цел надминување на утврдените слабости во финансиското управување, пописот на средствата и организацијата на инспекцискиот надзор. Во документот се наведува и дека не биле доставени забелешки на ревизорскиот извештај. Ревизорите очекуваат со спроведување на препораките да се подобрат финансиската дисциплина, организацијата на работата и ефикасноста на инспекциските контроли во областа на градежништвото и урбанизмот.

Share this post: