Оперскиот спектакл „Кавалерија Рустикана“ вечер во Националната опера и балет
2026-01-28 - 07:43
Операта во еден чин, „Кавалерија Рустикана“, едно од најуспешните дела од италијанскиот композитор Пјетро Маскањи, ќе биде изведена вечер во Националната опера и балет (НОБ), соопштија од установата. Ова оперско дело претставува едно од најзначајните остварувања на италијанскиот композитор Маскањи и останува еден од најизведуваните наслови на светските, како и на домашната оперска сцена. Станува збор за интензивна приказна за љубовта, љубомората и одмаздата. Под диригентската палка на Иван Еминовиќ, во режија на Џандоменико Вакари – Италија, со сценографија на Зоран Николовски и костими на Елена Дончева, овој спектакл ќе се одржи во 19:30 часот на големата сцена на НОБ. Очекувајте силни емоции и славното „Интермецо“, порачаа од Националната опера и балет. Во солистичката екипа настапуваат: Благица Поп Томова во улогата на Сантуца, Зоран Сотиров како Туриду, Ристе Велков во улогата на Алфио, Александра Лазаровска Василевски како Лола и Марика Поповиќ во улогата на мајка Лучија, заедно со хорот и оркестарот на Националната опера и балет. „Кавалерија рустикана“ е оперски бисер во кој човечките страсти и неминовната судбина се прикажани со директна драматичност и силна музичка моќ, оставајќи длабок впечаток кај публиката уште од својата премиера до денес, стои во соопштенито по повод претстојната изведба на оваа опера.