TheNorthmacedoniaTime

Кент: Одлуките за Иран се носеле без поширока дебата во администрацијата на Трамп

2026-03-19 - 12:04

Поранешниот директор на Националниот центар за борба против тероризмот на САД, Џо Кент, во обемно интервју за поранешниот водител на „Fox News“, Такер Карлсон, го критикуваше начинот на кој администрацијата на Доналд Трамп донесувала одлуки во пресрет на војната со Иран. Во интервјуто, кое траело повеќе од час и половина, Кент тврди дека клучни носители на одлуки немале пристап до претседателот пред почетокот на конфликтот, што, според него, ја ограничило можноста за различни ставови, објави Си-Ен-Ен. Тој исто така посочил дека немало конкретни разузнавачки информации кои укажувале дека Иран подготвува напад врз САД. „Немаше разузнавачки податоци дека Иран ќе изврши некаков голем изненаден напад “, рекол Кент. Администрацијата на Трамп, пак, во повеќе наврати ја оправдуваше воената акција со тврдења за „непосредна закана“ од Иран. Кент во интервјуто кажал и дека поранешниот врховен лидер на Иран, Али Хамнеи, имал улога во ограничување на нуклеарната програма на земјата, додавајќи дека неговото елиминирање може да доведе до дополнителна мобилизација на поддршката за режимот. Воедно, тој тврди дека Израел има значително влијание врз вклучувањето на САД во конфликтот, оценувајќи дека заканата што ја посочувале американските власти делумно произлегувала од можни израелски акции, а не од директна иранска намера за напад. Изјавите на Кент предизвикаа реакции во политичките кругови, при што поранешниот лидер на републиканците во Сенатот, Мич Меконел, го обвини за ширење антисемитски ставови и порача дека такви изјави немаат место во американската политика. Кент објасни дека одлучил јавно да проговори бидејќи неговите ставови, како што вели, биле игнорирани внатре во администрацијата. „Стана јасно дека мојата порака не допира до Белата куќа“, изјави тој, додавајќи дека неговите обиди да презентира поинакви анализи биле „задушувани“ пред да стигнат до претседателот. Тој откри и дека пред заминувањето имал директен разговор со Трамп нагласувајќи дека се разделиле во добри односи.

Share this post: