Кривична пријава за екс директор на Комунална хигиена, склучувал фиктивни договори
2026-03-13 - 13:07
Управата за финансиска полиција до Основното јавно обвинителство Скопје поднела кривична пријава против С.Р. во својство на поранешен в.д. директор на ЈП Комунална хигиена Скопје поради постоење на основи на сомнение за сторени кривични дела „Злоупотреба на службената положба и овластување”, „Фалсификување исправа” и „Проневера во службата” – во обид. „Пријавениот С.Р. со намера да ги исцрпи сите предвидени пари од склучениот договор за интелектуални услуги со правниот субјект ВЕДА ДООЕЛ Скопје, во текот на 2025 година, два дена пред истекот на важноста на договорот, како и ден пред неговото завршување, во име и за сметка на претпријатието склучил пет договори со физички лица, во вкупен износ од 3.608.708 денари, од кои два фиктивни договори со висока нереална вредност од по 775.000 денари за интелектуални услуги – давање на совети, имплементирање на нови техники за заштита на животната средина во вкупна вредност од 1.550.000 денари, со лица кои биле негови лични познаници и за кои бил свесен дека немаат никаква експертиза во областа на заштита на животната средина и покрај тоа што бил свесен дека услугите не се извршени, нема да бидат извршени, ниту постои објективна можност истите да бидат извршени во времетраење на договорот со авторската агенција и склучил три договори со физички лица во вредност од по 686.236 денари за сметководствени услуги и изготвување на годишна сметка во вкупна вредност од 2.058.708 денари, иако бил свесен дека едно од лицата немало никаква експертиза во вршење на сметководствени услуги и не е регистрирано како овластен сметководител во Регистарот на овластени сметководители“, наведено е во соопштението од Управата за финансиска полиција. Како што додаваат оттаму, по престанокот на важноста на договорот за интелектуални услуги со правното лице ВЕДА ДООЕЛ Скопје, односно откако пријавениот бил одвратен од намерата да го доврши кривичното дело „Проневера во службата” и да ги исплати средствата, поради навремено откривање на делото од страна на Управата, пријавениот спровел нова постапка и склучил нов договор со правниот субјект ЕСИ СОЛУШН ДООЕЛ Скопје за интелектуални услуги, за да преку истиот склучи договор со трето лице и ангажира возило (камион) за собирање на смет, потпишал платни налози и исплатил 604.461 денари спрема авторската агенција. „Со горенаведените дејствија, постои основано сомнение дека пријавениот постапил спротивно на член 40 и член 41 од Законот за јавни набавки и спротивно на утврдените начела на јавните набавки и тоа: начело на економичност, ефикасност и ефективност на користењето јавни средства, начело на конкуренција помеѓу економските оператори, начело на транспарентност, начело на еднаков третман и недискриминација на економските оператори и начело на сразмерност, предвидени во членовите 4-8 во ЗЈН, односно склучил фиктивни договори и договори без да биде спроведена јавна набавка, со намера да овозможи корист на договорните физички лица во вкупен износ од 4.213.169 денари“, се вели во соопштението.