TheNorthmacedoniaTime

Заев: Тужба за Бране Петрушевски и за ВМРО-ДПМНЕ ако не се извинат за лагите за канабисот

2026-02-08 - 10:18

Јавно барам извинување од пратеникот Петрушевски и од партијата ВМРО-ДПМНЕ за сите тие лаги, клевети и навреди, вклучително и намерната злоупотреба на моето име во таа режирана драма околу конфискацијата на десетици тони медицински канабис, поради наводно несоодветно чување и складирање, реагираше денеска поранешниот премиер и претседател на СДСМ, Зоран Заев на неговиот профил на Фејсбук. „Безобразна лага е дека сум на кој било начин поврзан со случаите со канабис што беа презентирани пред јавноста. Безобразна и дрска лага е дека сум се јавувал во Царинската управа. Трпам секојдневни навреди веќе пет години. Сите знаат дека никогаш не сум сакал да тужам, се борев за слобода на говорот. Никому не сум му се одмаздил за она што ми го направија на 27 април во Собранието, никогаш не сум ја злоупотребил политичката позиција, но сега е доста“, напиша Заев. Тој напиша дека ако не се извинат Петрушевски и ВМРО-ДПМНЕ, ќе поднесе тужба и кажа дека ќе се бори со сите правни средства да ја симне, како што пишува, дамката од неговото име. „Веќе пет години сум надвор од политиката, откако поднесов оставка од сите политички и државни функции. Пет години, речиси секој ден откако заминав, партијата ВМРО-ДПМНЕ, нејзиното раководство, нивните портпароли и медиуми не престануваат да се занимаваат со мене, ширејќи континуирани лаги, клевети и навреди, кои ги повторуваат речиси секојдневно откако се повлеков од политиката, а посебно во овие скоро две години колку што се на власт, како онаа дека градам некакви облакодери од 40 ката во Дубаи, дека вршам притисок за купување на болницата на д-р Жан Митрев, дека се мешам во работата на правосудните и други институции, како и уште низа други измислици и конструкции“, напиша Заев. Рекцијата од поранешниот премиер Заев доаѓа откако ВМРО-ДПМНЕ претходно утрово, во соопштение испратено до медиумите тврди дека над две тртини од вкупно запленетите 27 тони дрога во Струмица, како што тврдат, „се поврзуваат со фирма која води до кадри и блиски соработници на СДСМ и кланот Заеви“. „Станува збор за фирмата „ЦБД Медплант“, формално заведена на името на Христијан Котев, а фактички контролирана од неговиот татко Тони Котев -М’гчев, поранешен претседател на ОО Ново Село на СДС и човек со длабоки бизнис-врски со Вице Заев и Гидан Колев. Според наводите, во период од 30 јуни до ноември 2025 година, оваа фирма има „испорачано“ дури 19 тони марихуана кон скопска фабрика. Лиценцата за одгледување марихуана за медицински цели на овие фирми во 2020 годинија ја дава владата на Зоран Заев и Филипче. Тогаш, владата на Заев и Филипче доделила лиценци на 2 фирми, „Еко Енерџи-Космос” од Ново Село и „Лајтинг Лукс” од Струмица, во сопственост на синот на Боро Малборо и Христијан Котев гореспоменатиот. Медицинската марухуана била параван за организиран криминал во огромни размери“, пишува во соопштението на ВМРО-ДПМНЕ.

Share this post: