„Блокадафест“ пред влезот на Усје, осумчасовен протест со музичка програма
2026-02-26 - 13:07
Граѓанската иницијатива „Стоп за Усје“ утре ќе спроведе осумчасовна блокада пред цементарницата Усје во Скопје. Најавена е и музичка програма со настапи на повеќе диџеи и музички изведувачи кои ќе учествуваат волонтерски. Меѓу најавените се DJ Александар Јорданов, DJ Chvare, DJ Andrew Meller, „Новиот почеток“, „Хајка“, „Луфтанза“, „Животни“, „Големата вода“, DJ Базел, DJ Emily Nas, Дина Јашари, Член 16, Зарина Првасевда и „Корка“. Блокадата ќе се одржи од 15 до 23 часот, при што ќе биде блокиран влезот на фабриката. „БЛОКАДАфест е јасен повик до институциите и до Титан Усје: здравјето на граѓаните не е преговарачка категорија. Додека фабриката продолжува да загадува, ние излегуваме заедно да го блокираме загадувањето и да покажеме дека отпорот може да биде гласен, солидарен и креативен,“ велат од иницијативата. Ова е една од неколкуте акции што иницијативата ги организираше изминатиот период, насочени кон намалување на аерозагадувањето во Скопје.