Положбата на жената не е само прашање на родова еднаквост, туку на квалитетот и зрелоста на целото општество
2026-03-07 - 09:17
Во пресрет на 8 Март – Меѓународниот ден на жената МИА разговараше со три жени, лидери во своите области за улогата на жените во нашето општество. Секоја од свој агол и искуство зборува за жените и како да се справат со нивните предизвици. Професорката по социологија на Институтот за социолошки и политичко-правни истражувања при УКИМ Ганка Самоилова Цветанова нагласува дека прашањето за положбата на жената не е само прашање на родова еднаквост, туку прашање на квалитетот и зрелоста на целото општество. Ги охрабрувам сите женски организации, вклучително и академската заедница, да ја преземат улогата на групи за притисок кога станува збор за женските прашања и родовата еднаквост, но не декларативно, туку преку јасно дефинирани иницијативи и конкретни политики што ќе обезбедат суштинско подобрување на статусот и заштитата на жената во целокупното општествено живеење. Потребна е поголема координација, стратешко делување и континуиран јавен ангажман насочен кон институционални промени“, нагласува таа. Гинекологот д-р Рина Љатифи Исаки смета дека општеството често наметнува високи очекувања, според кои жената треба истовремено да биде успешна мајка, посветена сопруга и продуктивен работник. Овој модел, вели таа, создава состојба на постојана напнатост и чувство на вина доколку некоја од улогите не е целосно исполнета. Улогата на жената, вели новинарката Катерина Нешкова, не ја дефинира времето во кое таа живее, туку нејзината природа, нејзината анатомија, нејзината женска психологија. Главно, улогата на секој човек (независно дали е маж или жена) е иста: чесно да се живее, другиот да не се оштетува, секому неговото да му се даде“, нагласува таа. Статусот на жената во едно општество во голема мера го одразува и го одредува неговиот карактер – дали тоа ќе биде мирољубиво или насилно, дали ќе се грижи за благосостојбата на своите граѓани или ќе остане рамнодушно кон социјалната и економската (не)еднаквост, дали ќе функционира хиерархиски или ќе се стреми кон егалитарност. Искуството на современите демократии покажува дека таму каде што жените се застапени со најмалку 50 отсто во парламентите, во регионалните и општинските совети, како и во владите и на другите извршни функции, јавните политики поизразено се насочени кон развој на образованието, заштита на животната средина, социјална сигурност и грижа за децата, возрасните и лицата со посебни потреби“, вели универзитетската професорка Ганка Самоилова Цветанова во изјава за МИА. Професорката Самоилова Цветанова посочува и дека учеството на жените во политиката и во севкупните општествени процеси е особено значајно во постконфликтни и потенцијално конфликтни средини – како што е и македонското општество – затоа што тие почесто успеваат да ги надминат етничките и верските поделби и да се обединат околу прашања од заеднички интерес, особено оние што се однесуваат на општата благосостојба и општествената кохезија. За предизвиците со кои се соочуваат жените кај нас таа наведува дека современото општество е исклучително компетитивно и неретко немилосрдно кога станува збор за успехот и профитот. Секојдневно зборуваме за жените лидери, научнички и претприемачки, но како да потиснуваме една суштинска димензија – мајчинството. Наместо да биде препознаено како општествена вредност, тоа често се перцепира како пречка во остварувањето на личните и професионалните цели. Паралелно со тоа, и понатаму сме сведоци на случаи каде жените се жртви на семејно насилство, фемицид и недоволно ефикасна институционална заштита и превенција. Токму затоа, прашањето за положбата на жената не е само прашање на родова еднаквост, туку прашање на квалитетот и зрелоста на целото општество“, потенцира професорката. Самоилова Цветанова ги охрабрува сите женски организации, вклучително и академската заедница, да ја преземат улогата на групи за притисок кога станува збор за женските прашања и родовата еднаквост, но не декларативно, туку преку јасно дефинирани иницијативи и конкретни политики што ќе обезбедат суштинско подобрување на статусот и заштитата на жената во целокупното општествено живеење. Потребна е поголема координација, стратешко делување и континуиран јавен ангажман насочен кон институционални промени“, нагласува таа. Живееме во ера на информатичко – комуникациски технологии, кои овозможуваат побрза комуникација, полесен пристап до информации и нивна ефикасна јавна дистрибуција. Професорката посочува дека таа предност треба да се искористи за артикулирање на барањата, за мобилизирање поддршка и за создавање јавен притисок што ќе придонесе кон реално унапредување на положбата и улогата на жените во општеството. Гинекологот д-р Рина Љатифи Исаки вели дека улогата на жените во современото општество претставува сложен и повеќеслоен процес кој е условен од историски, културни, верски и социоекономски фактори. Жената низ историјата, вели таа, најчесто била поврзувана со семејниот живот, додека јавната и професионална сфера била доминантно машка територија. Денес, иако се бележи значителен напредок во однос на родовата еднаквост, жените сè уште се соочуваат со бројни предизвици и структурни ограничувања“, додава д-р Љатифи Исаки. Традиционалните и културните норми, продолжува таа, имаат значајно влијание врз дефинирањето на улогата на жената во нашето општество. Во многу заедници се одржува моделот според кој жената е примарно одговорна за грижата за домот и семејството, додека професионалната реализација се смета за споредна. Ваквите општествени очекувања, како што вели, често резултираат со двоен товар за жената: таа истовремено ги извршува работните обврски и семејните одговорности, кои во голем дел од случаите не се доволно препознаени и вреднувани. Верските обележја исто така играат важна улога во обликувањето на односот кон жената и нејзините животни избори. Иако религијата може да претставува извор на морални вредности и стабилност, нејзините традиционални интерпретации понекогаш придонесуваат за ограничување на автономијата на жената, особено во доменот на образованието, вработувањето и учеството во јавниот живот. Влијанието на религиозните норми често се преплетува со културните практики, создавајќи систем на општествени правила што ја обликуваат нејзината позиција“, потенцира д-р Љатифи Исаки. Зборувајќи за жените претприемачи, таа нагласува дека во современото општество сè поголем број жени стануваат активни учесници во економските процеси и се појавуваат како претприемачи. Женското претприемништво претставува значаен фактор за економскиот развој и социјалната стабилност. Преку отворање сопствени бизниси, жените ја демонстрираат својата способност за лидерство, иновација и самостојно донесување одлуки. Сепак, и во оваа сфера тие се соочуваат со специфични пречки, како што се ограничени финансиски ресурси, недоволна институционална поддршка и постоење на родови стереотипи“, додава таа. Покрај економските предизвици, жените се соочуваат и со психолошки и социјални притисоци кои произлегуваат од потребата да ги усогласат професионалните и приватните улоги, смета д-р Љатифи Исаки. Па така општеството често наметнува високи очекувања, според кои жената треба истовремено да биде успешна мајка, посветена сопруга и продуктивен работник. Овој модел создава состојба на постојана напнатост и чувство на вина доколку некоја од улогите не е целосно исполнета“, вели таа. Таа смета дека од суштинско значење е државните институции и образовните системи да создадат политики и механизми кои ќе овозможат поголема родова рамноправност. Тоа, како што посочува, вклучува еднаков пристап до образование, поддршка за вработување, програми за економско зајакнување и заштита од дискриминација. Образованието, според д-р Љатифи Исаки, има клучна улога во надминување на традиционалните предрасуди и во формирање на нови генерации со поинаков поглед кон улогата на жената. Улогата на жените во современото општество не може да се разгледува само низ призма на традицијата, туку како динамичен процес кој се менува заедно со општествените трансформации. Жената денес има право на избор – да биде мајка, професионалец, претприемач или да ги комбинира сите овие улоги според сопствените способности и желби. Вистински напредок може да се постигне само преку почитување на индивидуалната слобода и создавање еднакви можности за сите. Како заклучок, може да се истакне дека улогата на жените во нашето општество претставува клучен индикатор за степенот на демократски и социјален развој. Само преку унапредување на родовата еднаквост и надминување на традиционалните бариери може да се изгради општество засновано на правда, солидарност и заемно почитување“, потенцира гинекологот д-р Љатифи Исаки. Новинарката Катерина Нешкова вели дека домаќинката во домот ги одредува правилата на игра што нема да дозволат распад на семејството и општеството; кариеристката во компанијата ги одредува правилата што нема да создадат хаос кој може да ја намали продуктивноста; политичарката треба да биде свесна дека моралот е пред интересот. -„Да куп’ваш, да не продаваш.“ „Ја сум малечка, ама сенката ми е голема“. Две реченици. Две жени – мои баби. Два животни принципа. И – мојата дефиниција за тоа што значи да си жена. Моите баби живееја на почетокот на 20 век. Од оваа дистанца, делуваат старомодно, заостанато, тотално несоодветно на времето во кое реалноста е малтене виртуелна, а можностите неограничени. Тие беа домаќинки. Но зборот „само“ никако не оди пред тоа. Во услови на војни, присилни преселби, национализација на имоти и почнување од нула, родија и израснаа по пет деца, ги образуваа, ги исправија на нозе. Нивните домови беа и кујни, и болници, и училишта, и засолништа, и цели економии... А сепак, баба ми Ката никогаш не ја памтам без наместена коса, костум по мера, фустан како од списание. И разговори за светска политика – сериозни, информирани, аргументирани. Домаќинка, да. Но и личност со став“, раскажува Нешкова. Пожртвуваност без себесожалување, строго држење до правилата за тоа што е добро, а што лошо, себеедукација, свесност за општествените прилики, јасно и гласно искажано мислење. И сè тоа, без ароганција, без потреба да се биде еднаква на мажот – туку своја, без осуда, без комплекси на помала или поголема вредност, без потреба да се биде дотерана за да се биде самоуверена, потпора на блиските во секакви ситуации, продолжува таа и додава дека тоа горе-долу е животот, но и повикот на секоја жена и денес. И не, вели Нешкова, тоа не значи дека жените кои нема да основаат семејство, или нема да имаат деца, или се посветени само на својата професионална кариера, не се жени или не се успешни. Домаќинката во домот ги одредува правилата на игра што нема да дозволат распад на семејството и општеството; кариеристката во компанијата ги одредува правилата што нема да создадат хаос кој може да ја намали продуктивноста; политичарката треба да биде свесна дека моралот е пред интересот. Стожер. Морална вертикала. Личност што поставува граници – во домот, во канцеларијата, во јавниот простор“, потенцира Нешкова. Според неа, не смееме да дозволиме да нè повлечат некои модерни движења кои жената постојано ја ставаат во некаква трка – да стане маж (синкир само така ќе биде еднаква), да стане бескрупулозна и физички силна (синкир сè мора да прави сама и не смее да побара помош), да биде постојано како на модна писта (синкир само таквата заслужува да биде видена и слушната), а особено да не дозволиме да нè стават заедно во група на жени-нежени. Ниту мажите ни се непријатели. Различни – да. Спротивставени – не. Комплементарни. И жена на жена да не ѝ е волк! Само така ќе се создаде општество во кое нема осуда, а ранливите, повредените, малтретираните, жртвите на семејно насилство или мобинг ќе бидат заштитени навреме“, потенцира новинарката Нешкова. Таа заклучува дека улогата на жената не ја дефинира времето во кое таа живее, туку нејзината природа, нејзината анатомија, нејзината женска психологија. Главно, улогата на секој човек (независно дали е маж или жена) е иста: чесно да се живее, другиот да не се оштетува, секому неговото да му се даде“, нагласува Нешкова.