TheNorthmacedoniaTime

Претседателот на РКЕ, Бислимоски поднесе оставка

2026-02-12 - 13:18

Претседателот на Регулаторната комисија за енергетика, водни услуги и услуги за управување со комунален отпад Марко Бислимоски, денеска поднесе оставка. Од Комисијата информираат дека Бислимоски за својата одлука го известил Собранието, но и дека согласно Законот за енергетика и статутот на РКЕ, ќе остане на функцијата се додека Собранието не донесе одлука за престанок. Бислимоски на оваа функција беше од 2018 година, а ова му беше втор мандат. Минатиот месец Управата за финансиска полиција поднесе кривична пријава против него до Основното јавно обвинителство Скопје за наводна злоупотреба на службената положба и овластување во врска со лиценцирањето на компанијата „Тритерол Петрол“. Лиценцата на компанијата требало да биде одземена во јануари 2024 година поради неисполнување на условите, а била одземена дури во април 2025 година, период во кој „Тритерол Петрол“ остварила промет од над 3,15 милиони евра, а Управата се сомнева дека е стекната противправна имотна корист од приближно 229.000 евра. Бислимоски ги негираше обвинувањата и рече дека ги става на располагање сите информации со кои ќе докаже дека во постапката за одземање на лиценцата нема прекршување на Законот за енергетика ниту на Правилникот за лиценцирање.

Share this post: