Сиљановска-Давкова во посета на Хрватска: Очекуваме еднаков третман и стандарди како и за другите кандидатки за членство во ЕУ
2026-03-24 - 14:04
Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова е во официјална посета на Хрватска, каде денеска се сретна со претседателот Зоран Милановиќ. На заедничката прес-конференција Сиљановска-Давкова истакна дека членството во Европската Унија останува една од стратешките определби на државата и се заблагодари за пријателскиот однос, поддршката и разбирањето од страна на Хрватска, како и за помошта во отворањето нови перспективи и можни решенија во процесот на европските интеграции. Според неа, евроинтегративниот процес мора да остане заснован на заслуги, реформи и исполнување на европските критериуми, а не да биде оптоварен со билатерални историски, културни, јазични и идентитетски прашања. Сиљановска-Давкова порача дека очекуваме еднаков третман и примена на исти стандарди како и за другите земји кандидати, со уверување дека во европските институции сè уште постои слух за аргументите, за правото и за достоинствено место на секој европски народ во Унијата. „Она што го бараме ние е многу едноставно, исти стандарди, какви што се барале од вас, или какви што се бараа и од другите членки. А тоа се Копенхашките критериуми. Меѓутоа, ние добиваме барања кои што се однесуваат на историјата, на културата и на јазикот, или на идентитетот. А во преамбулата на договорот за Европската Унија јасно пишува дека ЕУ ги признава, бидејќи е единство на различностите, и ги почитува историјата, културата, јазикот на другите народи, па дури и уставните и политичките структури, а особено дигнитетот и интегритетот на граѓаните. Значи, разликите се врзани за ветото и за консензуалното одлучување во рамките на Европската Унија, се разбира, мене ми е јасно дека тоа не може да се смени преку ноќ, бидејќи треба да се менуваат уставните документи, но она што го бараме ние скромно, како држава, како нација, е да нема двојни стандарди и да се вреднува она што се вреднува и кај останатите“, рече Сиљановска-Давкова и посочи дека верува дека Европскиот Совет, Европската Комисија и Европскиот Парламент веруваат во силата на аргументите и во правото на секој народ и на секоја нација, особено оние за кои не треба да докажувате дека се европски, да го најдат своето место меѓу нив.