TheNorthmacedoniaTime

„Отворен ден со Царинската управа“ одржан во Куманово

2026-03-25 - 14:14

Со присуство на околу 1.000 посетители, денеска го одбележавме настанот „Отворен ден со Царинската управа“ одржан во Куманово. Граѓаните, особено најмладите, покажаа огромен интерес за задачите кои ги извршуваат секојдневно инспекторите од Мобилна Царина во оперативното работење, како и опремата што ја користат притоа. Во рамки на програмата беа прикажани и вештините на царинските кучиња од К9 единицата, кои имаат значителни резултати во успешно откриени и спречени обиди за криумчарење дрога, девизи и оружје. „Со вакви настани и со континуираните напори што ги вложуваме во секојдневната работа, сакаме да ги направиме граѓаните вистински партнери во царинската постапка и постепено, но сигурно, да го менуваме начинот на размислување дека Царината е партнер, не пречка, а тоа ќе го направиме врз основа на реални мерливи и видливи резултати“, истакна директорот Бобан Николовски. Ова е прв од серијата настани „Отворен ден со Царинската управа“, кои ќе бидат организирани по повод одбележување на 14 Април – Денот на Царинската управа. Наредниот ќе се одржи на 2 април во Скопје. Целта на настаните е да ја приближиме Царинската управа до граѓаните и да ја подигнеме свеста за улогата што ја имаме во заштитата на економијата и безбедноста на државата.

Share this post: