Мицкоски: Бројките од анкетите не мотивираат дополнително да работиме
2026-03-28 - 11:44
Христијан Мицкоски, претседател на ВМРО-ДПМНЕ, денес во одговор на новинарско прашање во врска со анкетите, каде според бројките ВМРО-ДПМНЕ има убедливо водство пред останатите политички партии, истакна дека Владата прави се што е во нивна моќ да испорача резултати, и покрај, како што вели тој, катастрофалната состојба наследена од претходната влада. Тој додава дека бројките од анкетите, значат дополнителна мотивација за работа, иако опозицијата испраќа погрешни и навредувачки пораки. ,,Како ВМРО-ДПМНЕ и како Влада правиме се што е во наша моќ да испорачаме, и јас лично што е можно повеќе за граѓаните. За жал, состојбата коа што ја наследивме од претходната влада ужасна, катаклизмична. Грешките кои што се таложеле со децении и погрешните политики кои што имале негативен ефект врз државата се големи. Ресурсите се за жал како резултат на тие погрешни политики многу мали. И ние работиме врз основа на приоритети“, рече Мицкоски. Во контекст на анкетите кои покажуваат дека ВМРО-ДПМНЕ е со убедливо водство пред останатите политички партии, Мицкоски истакна дека бројките само значат дополнителна мотивација за работа. ,,Овие бројки само треба да не мотивираат дополнително да работиме. Ова се само поголема одговорност и за мене како претседател на Владата, но и како ВМРО-ДПМНЕ како носечка партија во рамките на владината коалиција. Во јавноста знаете, од страна на опозицијата се испраќаат погрешни пораки, би рекол, пораки невистинити. Пораки навредувачки, пораки кои што имаат намера да растурат пердуви и по теркот на оние пиар стратегии колку фати фати, колку не фати тоа е тоа“, кажа Мицкоски и додаде: ,,Ние сме сериозна државотворна партија, така и се однесуваме во Владата. Јас како човек, ќе сторам се што е во моја моќ да испорачаме што е можно повеќе за граѓаните. Чуда никогаш не сме ветувале. Ако ги игнорираме оние лажни изјави, за наводни наши ветувања кои што никогаш не сме ги кажале од страна на опозицијата. Ние водевме кампања и во 2024, и во 2021, и во 2025 дека чуда не ветуваме, чуда се невозможни, оној кој што ветува чуда не ја говори вистината, ги манипулира граѓаните. Ветуваме многу работа, напорна работа, работа како никогаш до сега и што е можно повеќе политики, реформи за подобра иднина на граѓаните“.