Унгарија го запира гасот кон Украина, објави Орбан
2026-03-25 - 15:54
Унгарија ќе го прекине снабдувањето со гас кон Украина сè додека не се обнови работата на нафтоводот Дружба, соопшти унгарскиот премиер Виктор Орбан преку видео објава на Фејсбук. Постепено ги запираме испораките на гас од Унгарија кон Украина и ќе го складираме гасот што останува кај нас во Унгарија – изјави Орбан. Прекинот на испораките преку нафтоводот „Дружба“, кој се случи во јануари, предизвика тензии меѓу Будимпешта и Киев, како и блокада на финансиска помош од Европската Унија за Украина. Во меѓувреме, Брисел предложи испраќање експертска мисија за инспекција на оштетената инфраструктура. Украина подоцна прифати техничка и финансиска помош од ЕУ за санација на нафтоводот и обновување на испораките. Во моментов, Унгарија и Словачка не добиваат руска нафта преку „Дружба“ уште од крајот на јануари, кога Киев соопшти дека нафтоводот бил оштетен во руски напад во западниот дел на земјата. Будимпешта испрати и сопствена мисија во Украина за утврдување на состојбата на терен, но засега нема официјални информации за резултатите. Унгарија и Словачка, како единствени членки на ЕУ што сè уште увезуваат руска нафта, ја обвинуваат Украина дека намерно го одложува обновувањето на испораките од политички причини.