TheNorthmacedoniaTime

Во Струга видовме што значи кога не постојат заштитни зони: Поднесена иницијатива за воспоставување санитарно-заштитни зони околу Билјанини извори-Беј бунар

2026-03-23 - 08:43

Охрид SOS поднесе иницијатива до Министерството за животна средина и просторно планирање и до Министерството за здравство за воспоставување санитарно-заштитни зони околу Билјанини извори – Беј бунар. Ова не е апстрактно правно прашање. Пред само неколку недели, во Струга, видовме што значи кога тие зони не постојат и зошто тие мора да постојат. Билјанини извори не се само симбол на Охрид. Тие се воден ресурс во чувствителен регион, жариште на биолошка разновидност, во простор кој граничи со заштитени подрачја како Студенчишко Блато и Охридско Езеро, а кој наместо да се штити, масовно и насилнички се урбанизира. Без јасно утврдени заштитни зони, ризикот по питката вода за Охрид не е хипотетички – туку реален и растечки. Законот е јасен: ваквите зони мора да постојат. Прашањето е зошто сè уште, со децении не се воспоставени. Со оваа иницијатива бараме итен ангажман на интитуциите, а не откако ќе има последици по здравјето на луѓето и животната средина. Заштитата на водата не смее да биде реакција – таа е должност, велат од Охрид SOS. Во продолжение го пренесуваме во целост документот. Врз основа на Законот за водите (Службен весник на РСМ 87/2008 и понатамошните измени), конкретно член 98 со кој се предвидува задолжително воспоставување на санитарно-заштитни зони за водни тела кои се користат или се наменети за снабдување со вода за пиење, со овој допис формално иницираме започнување на постапка за утврдување и прогласување на санитарно-заштитни зони околу Билјанини извори – Беј бунар, на територијата на Општина Охрид.Согласно законската рамка, надлежноста за започнување и водење на постапката за утврдување на заштитни зони е во рамки на Министерството за животна средина и просторно планирање, додека Министерството за здравство учествува со стручно мислење од аспект на заштита на јавното здравје.Билјанини извори – Беј бунар претставуваат значајно водно тело со посебна природна, еколошка и водоснабдителна вредност и се наоѓаат во чувствителен регион кој претставува жариште на биолошката разновидност. Просторот околу изворите во последните години забрзано се урбанизира и е изложен на интензивирачки антропоген притисок, што создава реален и зголемен ризик по квалитетот и безбедноста на водата, како и по интегритетот на поврзаните екосистеми. Согласно член 98 и член 99 од Законот за водите (Службен весник на РСМ 87/2008 и понатамошните измени), за водни тела кои се користат или се наменети за снабдување со вода за пиење задолжително се утврдуваат потесна санитарна зона и пошироки заштитни зони. Иако водата од Билјанините извори – Беј бунар со децении се користи за водоснабдување на Општина Охрид, законската обврска за прогласување заштитни зони до денес не е исполнета.Имајќи го предвид наведеното, бараме:1. Министерството за животна средина и просторно планирање:– да започне управна постапка за утврдување санитарно-заштитни зони околу Билјанини извори – Беј бунар; – да иницира изработка на соодветна хидрогеолошка и санитарна студија, која задолжително ќе ги земе предвид еколошките карактеристики и чувствителноста на поширокиот простор, вклучително и непосредната поврзаност со заштитените/високо вредни подрачја како Студенчишкото Блато, Мазија и Охридското Езеро; – да ја вклучи Општина Охрид и други релевантни субјекти во постапката; – по обезбедување на потребните мислења, да достави предлог до Владата за формално утврдување на заштитните зони.2. Министерството за здравство:– да изготви стручно мислење за потребата од воспоставување санитарнозаштитни зони од аспект на заштита на јавното здравје, со утврдување на режими кои обезбедуваат висок степен на заштита во сите три зони; – да го достави мислењето до Министерството за животна средина и просторно планирање како основ за водење на постапката.Оваа иницијатива се поднесува во интерес на заштита на водните ресурси, зачувување на биолошката разновидност и заштита на здравјето на населението.Воедно, согласно Законот за општата управна постапка, се очекува по оваа иницијатива да се постапи во законски предвидениот рок, односно најдоцна во рок од 30 дена од денот на приемот, со донесување на соодветен акт или известување за преземените дејствија.

Share this post: