Турција се придружи на напорите за посредување помеѓу САД и Иран
2026-03-25 - 17:03
Турција е вклучена во напорите за посредување за завршување на војната во Иран, изјави денеска заменик-претседател за надворешни односи на турската владејачка Партија на правдата и развојот (АКП), Харун Армаган. Тој за Германската новинска агенција (ДПА) истакна дека Анкара веќе некое време пренесува пораки меѓу двете страни за да ги намали тензиите и да помогне во подготовката на теренот за разговори. Армаган предупреди дека местото за потенцијални директни преговори сè уште не е утврдено. Министерството за надворешни работи на Турција одби да ја коментира изјавата на Армаган. Претходно, военото раководство на Иран ги отфрли извештаите дека Техеран е вклучен во преговорите за завршување на војната. Пакистанските власти и американските медиуми, вклучувајќи ги „Аксиос“ и „Њујорк тајмс“, објавија дека Вашингтон му презентирал на Техеран план од 15 точки за прекин на конфликтот, доставен преку Исламабад, во кој се бараат значителни отстапки од иранското раководство.