Цената на дизелот ќе се зголеми за два денари, одлучи РКЕ
2026-02-27 - 13:06
Цената на дизелот и на екстра лесното масло за домаќинство се зголемуваат за 2 денари за литар, додека цените на бензините Еуросупер БС-95 и Еуросупер БС-98 и на мазутот остануваат исти, одлучи Регулаторната комисија за енергетика, водни услуги и услуги за управување со комунален отпад. Зголемувањето на цените, информираат од РКЕ е во просек за 1,17 отсто во однос на претходната одлука. Според најновото зголемување, еден литар дизел ќе се продава за 71 денар, а екстра лесното масло за домаќинство за 70 денари. Цените на Еуросупер БС-95 и Еуросупер БС-98 остануваат 73,5, односно 75,5 денари за литар. Килограм мазут чини 34,520 денари. „Референтните цени на нафтените деривати на светскиот пазар во споредба со претходната пресметка бележат зголемување во просек: кај бензините за 2,984%, кај дизелот за 4,458%, кај екстра лесното масло за 4,405% и кај мазутот зголемувањето е за 3,470%“, посочуваат од РКЕ.