TheNorthmacedoniaTime

Грција: Секое таргетирање на Кипар е закана за Европа

2026-03-06 - 09:17

Грчкиот министер за надворешни работи Јоргос Герапетритис изјави дека секое таргетирање на Кипар претставува закана за целата Европа, додавајќи дека поморската база Суда не се наоѓа во непосредна опасност од ирански напади, објави „Либерал“. Поморската база Суда не е загрозена и постои целосна заштита, нагласи Герапетритис. Тој истакна дека одбранбената поставеност на земјата не била предмет ниту на дискусија ниту на информирање. — Мерките за заштита се унапредени, антибалистичкиот и противвоздушниот штит на Грција е поставен и развиен, па затоа грчките граѓани можат да се чувствуваат безбедно — нагласи тој. Тој посочи дека „режимот на базата Суда е регулиран со одбранбениот договор меѓу САД и Грција. Многу прецизно е дефинирано што може да се прави во рамките на базата“ и додаде дека „и морнарицата и воздухопловството на Грција се во состојба ефикасно да ги заштитат секој Грк и секоја Гркинка“. — Базата првенствено служи за обезбедување логистичка поддршка на САД, па затоа не е наменета за офанзивни операции. Сакам да уверам дека се преземени сите неопходни мерки и од американска и од грчка страна — рече грчкиот министер за надворешни работи. Герапетритис, изјави дека распоредувањето на грчките одбранбени сили, како на територијата на земјата така и на Кипар, е суверена одлука на државата и не е предмет на дискусија. Тој нагласи дека испраќањето фрегати и борбени авиони на Кипар претставува „историска и братска должност“ на Грција и исклучиво одбранбена поддршка. Тој додаде дека секое таргетирање на Кипар би било закана за цела Европа и би ја активирало европската солидарност. — Секое таргетирање на Кипар претставува закана за цела Европа и ја активира должноста за солидарност со Кипар. Во ситуација на војна каква што имаме денес, одлуките што се носат за заштита и безбедност на грчките граѓани не се прашање за дискусија — нагласи министерот. Воедно, Герипатритис ги отфрли ставовите на Турција за демилитаризација на островите во Источниот Егеј, оценувајќи ги како неосновани.

Share this post: