Кили не беше само посебен, туку меѓу посебните тој беше најпосебен, кажаа колегите на комеморацијата во МНТ
2026-03-18 - 12:55
Сите го знаевме и го сакавме Кили. И сѐ уште го сакаме. Тој е неповторлив и единствен. Оној кој целиот свој живот го посвети на уметноста, живееше и твореше со театарот, филмот, телевизијата, музиката. Човек со огромна експлозија на енергија, која ни ја пренесуваше нам, колегите, и тука, на сцената, кон публиката, кажа денеска Атна Шијак на комеморацијата во Македонскиот народен театар во чест на актерот Кирил Поп Христов, кој почина на 11 март во Еквдадор, на 58 години. Кили беше испратен со долг аплауз од семејството, роднините, пријателите, колегите кои дојдоа да му оддадат последна почит на, како што кажа Шијак, фраерот којшто имаше харизма до небо. Како се собере и да се претстави Кили генерално во неколку минути – речиси невозможно. А каде се тука прошталните зборови во името на сите колеги и на неговата матична куќа Македонски народен театар? Постојат ли воопшто такви зборови? Сѐ е малку ова што треба да се зборува за вечното момче со нескротлив дух, за човекот полн со енергија и страст, за бунтовникот со голем актерски талент, за човекот со ведар дух, човечност и автентичност. Човекот којшто беше отворен и искрен до срж, кој си ги сакаше сите свои навики најмногу на светот, кој сакаше радоста постојано да ја вметнува во срцата. Човекот кој ја живееше сегашноста затоа што, како што велеше тој: ‘Само тоа е права ствар, ништо друго не би вреди ни пет пари’. Човекот со огромна желба за живот, кој истиот го живееше по свои ноти, свои патишта до преку, со огромна слобода на говор, со говор микс од македонски, српски, српско-хрватски и англиски јазик и неповторлив глас и дикција. Човекот кој го создаде сопствениот сантум, ‘Килиштец’, во кој уживаше и овозможи многу генерации да уживаат. Човек кој не се плашеше да биде свој и беше храбар до конформизам. Актер, композитор, музичар... Актерот кој секоја улога која ќе ја добиеше ја правеше негова и само негова. Играше ликови кои не можете да замислите дека би ги играл некој друг актер. Тој беше човек кој кога ќе седнеше на пијаното, се претвораше во музичар од светските сцени на кои е достоен некој преполн стадион. Човек кој трагаше по слободен простор без застанување... Човек полн љубов. Е таков човек не може да не остави една голема празнина во срцата, кажа Шијак. Кили беше фраер со харизма до небо, кажа актерката Арна Шијак на комеморацијата во МНТ / Фото: Република Директорот на МНТ Никола Кимовски во својот говор кажа дека постојат актери кои влегуваат на сцена и постојат актери кои ја носат сцената со себе. Кили беше од вторите. Кога ќе се спомене името Кирил Поп Христов, во мислите не се појавува само лик или улога или реплика. Се појавува енергија. Се појавува еден немирен, по некогаш непокорен дух кој никогаш не прифаќаше да биде само дел од ансамблот, туку секогаш беше боја. Многумина ќе го паметат по филмовите, по неговите појавувања на екран, во филмови кои станаа дел од современата македонска кинематографија. Но оние кои стоеле со него зад сцената, знаеме дека неговата вистинска територија беше токму ова место — театарските штици под нас. Таму Кили беше најжив и таму беше најсвој. Тој не беше актер кој се штедеше. Знаеше да игра до крај. Секогаш беше или целосно присутен или никако. Драг мој Кили, ако некаде постои сцена што сè уште бара немирни, бунтовни индивидуалци од актери, сигурен сум дека веќе си таму. А ние овде ќе продолжиме да ја чуваме оваа сцена со истата страст со која ти ја живееше, рече Кимовски Актерката Даница Георгиевска, која била во иста класа со Кили и со Тања Кочовска, Валентина Божиновска, Владимир Ендорвски – Љац, Рефет Абази, Владимир Лазовски, се присети на многу спомени за време на студирањето на Факултетот за драмски уметности (ФДУ), за подготвувањето испити кај Кили и Љац дома, за паузите меѓу учењето, за свирењето клавир и ручеците во „Езерце“. Можам да кажам дека Кили беше посебен. Не само посебен, туку меѓу посебните беше тој најпосебен. Со неговиот мултиталент, неговите способности на сцената, во музиката, во уметноста општо. Покрај неговите изиграни улоги, одлични улоги изиграни, тој знаеше да го чува и да го следи својот животен лик, ликот на Кили. Тој гордо и храбро го чуваше и го играше до крај ликот на Кили. Тоа што можеа да го направат Љац и Кили, тоа беше уживање, рече Георгиевска. Кили беше човекот којшто беше отворен и искрен до срж, кој си ги сакаше сите свои навики најмногу на светот, кој сакаше радоста постојано да ја вметнува во срцата / фото: Република За Кили зборуваше и Ранко Петровиќ, сопственик на радио „Бубамара“. Имавме еден многу добар пријател, можам да кажам духовно братче. И од почеток, кога бев многу помлад, за нас во Скопје беше голем мангуп. И баш беше генерација со сестра ми во „Орце Николов“, па ги слушав сите некои случки, анегдоти што се случуваа во градот, што се случуваа во „Орце Николов“. И на некој начин беше недостапен, или да не кажам преголем мангуп за нас помладиве во Скопје. На едно мое доаѓање во МНТ, забележав дека во бифето веднаш кога влезе, сите очи беа вперени кон него и зрачеше со некоја посебна енергија што ја имаше само тој.И беше многу забавен, интересен, спонтан, непосреден, духовит. И така го поканив на една Златна Бубамара која требаше да додели награда за Тоше Проески. И видов дека лесно се комуницира, многу убаво се работи со него. Пробите и состаноците беа многу забавни, интересни. На некој начин беше благослов да бидеш во негово друштво, посебно кога се работи, кога е интересно. Така што целата таа Бубамара, тој дух што го имаше на сатира, на хумор... во право време влегуваше Кили. Дали да му даде награда на Оливер Мандиќ, дали да му додели награда на Сашко Коцев за запросување на свадба. Ние се договаравме тоа да биде... ама тоа се договаравме еден ден пред тоа. Требаше да изгледа лудо, непосредно, како да се бркаат Жолтко и Лутко, а тоа он го правеше маестрално. За жал, ние откако веќе имаше некои проблеми со здравјето, неколку пати се испраќавме. Еднаш на аеродром, еднаш пред болница. Сега, за жал, се испраќаме вака вистински. И многу ми е криво што вака се збогуваме со многу слики што ги имаме вака... ама тој е на друга страна што не можеме на правилен начин да го испратиме, кажа Петровиќ. Кирил Поп Христов е роден на 30 јули 1967 во Скопје. Дипломира на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“, на Факултетот за драмски уметности, Скопје, на отсекот за актерска игра во класата на професорот Љубиша Георгиевски, во 1989 година. Од 1993 до 2014 работеше во Македонскиот народен театар, па се врати во 2018. Глумеше во филмовите „Панкот не е мртов“, „Бал-кан-кан“, „Тетовирање“ и во претставите „Ослободување на Скопје“, „Ревизор“, „Народен пратеник“ и други.