TheNorthmacedoniaTime

„Ангелски здив“ – Мето Ди Флеш и Ана Петановска со емотивна песна и спот во чест на жртвите од трагедијата во Кочани

2026-03-12 - 08:17

Во пресрет на годишнината од трагичниот пожар во дискотеката во Кочани, Мето Ди Флеш и Ана Петановска ја објавија песната и видеоспотот со наслов „Ангелски здив“, посветена на прерано згаснатите животи во оваа голема трагедија што ја потресе Македонија. Песната претставува силна и емотивна музичка приказна која носи порака за болката, загубата и сеќавањето на оние што повеќе не се меѓу нас. Со својата атмосфера и текстуална порака, „Ангелски здив“ е создадена како музички омаж и потсетник дека споменот на жртвите ќе продолжи да живее во срцата на нивните најблиски, но и на целата заедница. Музиката, текстот и аранжманот се дело на Методи Поповски – Мето Ди Флеш, кој заедно со својот тим работеше на создавање на композиција со силна емоционална тежина. Песната е снимена во студиото на Стефан Петановски, додека вокалната интерпретација на Ана Петановска дополнително ја засилува пораката на песната, носејќи чувствителност и длабочина во изразот. Видеоспотот за „Ангелски здив“ е во режија, камера и монтажа на Раде Гогоски. Визуелната приказна е внимателно осмислена за да ја долови тагата, но и надежта дека сеќавањата на загинатите ќе останат вечни. „Ангелски здив“ е уметнички повик за сеќавање, почит и човечка солидарност. Со оваа песна, авторите испраќаат порака дека иако болката од загубата никогаш целосно не исчезнува, љубовта и спомените за оние што заминале продолжуваат да живеат. Новата песна и спот веќе се достапни на дигиталните платформи и на YouTube, каде публиката може да ја почувствува силната емоција што ја носи ова музичко дело, создадено во чест на ангелите кои засекогаш ќе останат дел од нашата колективна меморија.

Share this post: