TheNorthmacedoniaTime

Здравствените експерти предупредуваат на опасен тренд на социјалните мрежи познат како „парацетамол-предизвик“

2026-03-08 - 13:57

Здравствените експерти предупредуваат на опасниот тренд на социјалните мрежи познат како „парацетамол-предизвик“, кој може сериозно да го загрози здравјето на младите. Според извештај на „Еуроњуз“, здравствените власти низ Европа алармирале по информациите дека некои адолесценти на интернет наводно се натпреваруваат кој може да внесе поголема количина парацетамол. Референци за овој тренд постојат уште од 2015 година, но пребарувањето на поимот „paracetamol challenge“ на платформата ТикТок покажува малку докази дека луѓето навистина активно учествуваат во ваков предизвик. Најголем дел од содржините на оваа тема се објави од здравствени експерти и медиуми кои предупредуваат на можните опасности. Сепак, Болничкиот центар „Епикјура“ во Белгија потврдил дека во февруари лекувал три пациенти кои се предозирале со парацетамол откако учествувале во ваков предизвик на социјалните мрежи. Белгиската федерална агенција за лекови и здравствени производи на 6 февруари издаде официјално предупредување за ризикот од предозирање. Од агенцијата нагласија дека земањето парацетамол, дури и во високи дози, нема психоактивен ефект. Слични случаи на предозирање биле пријавени и во други европски земји. „Разговарајте со вашите деца, насочувајте ги во користењето на технологијата и бидете внимателни на предупредувачки знаци како што се повраќање, болка во стомакот или прекумерна поспаност“, изјави Силвија Олива, педијатриска медицинска сестра во Регионалната универзитетска болница во Малага, Шпанија, во објава на социјалните мрежи на болницата. Пиа Вуорела, директорка на Финската агенција за лекови, исто така истакна дека е важно младите да ги разберат ризиците поврзани со лековите и ги повика родителите да разговараат со децата за овие опасности. Во Португалија, Комората на фармацевти предупреди дека ваквите практики претставуваат сериозен ризик по здравјето, нагласувајќи дека токсичноста од парацетамол може да се појави уште пред да се развијат видливи симптоми. „Предозирањето може да предизвика сериозно и неповратно оштетување на црниот дроб, што може да доведе до акутно откажување на црниот дроб, потреба од трансплантација, а во екстремни случаи и до смрт“, се наведува во соопштението. Во поретки случаи може да се појави и оштетување на бубрезите, особено при долготрајна употреба или прекумерен внес на лекот. Препорачана дневна доза Кај возрасни лица дневната доза на парацетамол не треба да надминува 4 грама, а вообичаено се земаат 500 милиграми до 1 грам на секои 4 до 6 часа. Кај децата дозата се пресметува според телесната тежина, а како општо правило се препорачуваат 60 милиграми по килограм телесна тежина. Родителите можат да користат проверени онлајн калкулатори за попрецизно одредување на дозата. Првите симптоми на труење најчесто вклучуваат гадење, повраќање, потење и општа слабост, кои обично се појавуваат во првите 24 часа. Може да се јави и болка во стомакот, а како што напредува оштетувањето на црниот дроб, може да се развијат и сериозни компликации. Во случај на сомнеж за предозирање, лекарите предупредуваат дека неопходно е веднаш да се побара медицинска помош. Парацетамолот е еден од најчесто користените лекови за намалување на болка и температура, а кога се употребува според препораките на здравствените власти, вообичаено се смета за безбеден.

Share this post: