Саем за образование и кариера утре и задутре во Сити мол
2026-02-26 - 11:47
Утре и задутре, на 27 и 28 февруари, во просториите на Сити мол на втор кат ќе се одржи третото издание на Саемот за образование и кариера, настан кој го организира информативната студентска платформа Студентарија. Оваа година на Саемот учествуваат 12 универзитети со над 100 факултети од Македонија, академии за дигитални и современи професии, како и компании што нудат пракса, работа и кариерен развој. Настанот е наменет за средношколци-матуранти, студенти и родители, со цел младите да добијат релевантни информации и директно да разговараат со претставници на високообразовните институции и бизнис секторот, пред да донесат одлука за својата иднина. „Покрај изложбениот дел, програмата вклучува и панел-дискусии и работилници посветени на кариерно советување и развој на вештини потребни на современиот пазар на труд. Ги покануваме сите медиуми да присуствуваат на отворањето и да го проследат настанот. Саемот за образование и кариера 2026 се реализира со поддршка од Шпаркасе Банка, Пивара Скопје и Волт. Настанот ќе биде отворен за посетители од 11:00 до 16:00 часот, двата дена. Влезот е бесплатен за сите заинтересирани“, информираат во Студентарија.