TheNorthmacedoniaTime

Одржан состанок за Ормуската Теснина на иницијатива на началникот на францускиот Генералштаб

2026-03-26 - 20:04

Началникот на Генералштабот на француските вооружени сили, генерал Фабиен Мандон, денеска одржа видео повик со 35 земји за начините за повторно отворање на Ормуската Теснина, соопшти француското Министерство за одбрана, додавајќи дека станува збор за одбранбена иницијатива со цел продолжување на пловидбата по завршувањето на конфликтот. Министерството не прецизира кои земји се конкретно вклучени. „Оваа иницијатива, независна од тековните воени операции во регионот, е од строго одбранбен карактер. Нејзината цел е да организира продолжување на пловидбата низ Ормуската Теснина по прекинот на непријателствата“, се наведува во соопштението. Либанскиот весник на француски јазик „Ориент тудеј“ претходно објави дека Франција и Велика Британија неделава ќе претседаваат со преговорите во кои учествуваат 30 земји со цел да се воспостави коалициска мисија за повторно отворање на морската рута низ Ормуската Теснина што Иран ја блокираше веднаш по избувнувањето на војната со САД и Израел. САД и Израел го нападнаа Иран наутро на 28 февруари во, како што нарекоа, „превентивни напади“ што дојдоа по неуспехот на повеќе рунди преговори за нуклеарната програма на Иран. Потоа Иран почна масовни одмазднички напади врз Израел и цели поврзани со САД низ регионот на Блискиот Исток.

Share this post: