Агенција за филм најавува бесплатни кино проекции на македонски филмови во „Синаплекс“
2026-03-30 - 11:14
Агенцијата за филм денес промовираше значаен проект за доближување на домашната кинематографија до публиката, под мотото „Македонски филм. На големо платно.“ Проектот се реализира во соработка со Cineplexx и предвидува бесплатни кино-проекции на македонски филмови секој понеделник, со што македонскиот филм повторно се враќа таму каде што припаѓа – на големото платно. Секој понеделник во 18:00 часот, љубителите на седмата уметност ќе имаат можност да проследат селекција од најзначајните македонски филмови во професионални кино услови, а влезот ќе биде бесплатен по принципот „прв дојден, прв услужен“, без претходна резервација на билети. Програмата за април започнува со „Панкот не е мртов“ во режија на Владимир Блажевски (6 април), кој оваа година одбележува 15 години од својата премиера, по што следуваат „Avec L’amour“ во режија на Илија Цветковски (13 април), „Господ постои, името и’ е Петрунија“ во режија на Теона С. Митевска (20 април) и „Хомо“ во режија на Игор Иванов (27 април). Директорот на Агенцијата за филм, Сашко Мицевски, посочи дека со овој проект сакаат македонскиот филм да го доближат до публиката и да му дадат поголема видливост. Фото: Агенција за филм / Директорот на Агенцијата за филм, Сашко Мицевски и Регионалниот оперативен менаџер на Cineplexx, Ненад Станковиќ Сакаме македонскиот филм да не се гледа само на фестивали, туку да биде достапен за сите и да стане дел од секојдневието на публиката. Со оваа соработка го враќаме филмот таму каде што најмногу му прилега – на големото платно. Ова е само почеток на активностите по повод 20 години од формирањето на Агенцијата, преку кои сакаме уште повеќе да ја развиваме филмската култура и интересот за домашниот филм“, изјави Мицевски. Регионалниот оперативен менаџер на Cineplexx, Ненад Станковиќ, посочи дека Cineplexx дава целосна поддршка на иницијативата со цел да се врати публиката во кино салите и да се зголеми интересот за домашниот филм. Тој нагласи дека кампањата ќе биде поддржана преку сите комуникациски канали на Cineplexx, како и дека, доколку има зголемен интерес, ќе се отворат повеќе сали истовремено, упатувајќи покана до публиката секој понеделник да биде дел од ова кино доживување. Во рамки на проектот ќе бидат прикажани филмови од сите категории, а проекциите постепено ќе се прошират и во домовите за култура низ државата. Дополнително, ќе се организираат мастер-клас предавања со меѓународни професионалци, како и поддршка за кино-дистрибуција на нови македонски филмови со субвенционирани билети. Паралелно, Агенцијата за филм и Биро за развој на образованието потпишаа Меморандум за соработка за воведување на филмот како едукативна алатка во наставниот процес.