Николоски: Владата овозможува силна поддршка на Град Скопје за реализација на проектот брз автобуски превоз – БРТ
2026-03-24 - 13:44
Владата преку Министерството за транспорт и Министерството за финансии овозможува силна поддршка на Град Скопје за реализација на проектот брз автобуски превоз – БРТ, напиша на фејсбук Александар Николоски. На денешната седница на Владата, ја потврдивме подготвеноста за изградба и воспоставување на еден нов современ градски сообраќаен систем преку кој ќе ја подобриме ефикасноста и економичноста на транспортната мрежа во Градот. Проектот предвидува изградба на две линии во Скопје, едната Исток–Запад и втората Север-Југ, набавка на CNG/хибридни нископодни БРТ возила, патнички информативен систем, паметни станици, како и интеграција во системот на управување со сообраќајот во Градот. Проектот ќе се реализира со заем од 70 милиони евра поддршка од ЕБРД, а Владата ќе ги трансферира овие средства во вид на неповратни средства за Град Скопје. Рокот за завршување на овој значаен проект е Февруари 2029 година. Развојот на главниот град ја наметнува потребата од воведување на нови сообраќајно-транспортни решенија кои ќе овозможат поефикасен транспорт за граѓаните. Министерство за транспорт во соработка со Град Скопје ќе обезбеди соодветната инфраструктура за овој тип на превоз, а дополнително со проектот за Градски воз и набавката на новите еколошки електрични автобуси ќе понудиме комбиниран систем на транспорт во Скопје преку кој значително ќе ја подигнеме точноста и ефикасноста на градскиот јавен превоз.