Јаневска: Интернационализација на високото образование е неопходна, но мора да се спречи одливот на мозоци
2026-03-26 - 10:44
„Интернационализацијата на образованието денес е неопходен механизам што им овозможува на студентите да стекнат дигитални и зелени вештини, ја придвижува државата кон иновации и отвора нови работни места, а регионот го прави поконкурентен на европскиот и глобалниот пазар. Сепак, еден од најголемите предизвици од неа е одливот на мозоци, што е опасност што ни ги одзема највредните студенти, најплодните професори и најпосветените истражувачи, кои заминуваат и не се враќаат. Нашата умешност треба да ја покажеме во обезбедувањето механизми за претворање на одливот на мозоци во циркулација на мозоци“, рече денеска министерката за образование и наука Весна Јаневска. Таа се обрати на дводневната регионална конференција „Мостови кон иднината: Интернационализација на високото образование на Западен Балкан и Југоисточна Европа“, чиј покровител е Министерството за образование и наука на Македонија, а коорганизатори се Регионалниот совет за соработка (RCC) и Светска банка. На конференцијата беше посочено дека Болоњскиот процес ги отвори универзитетите за меѓународна соработка, а мобилноста носи нови знаења, искуства и иновации преку заеднички проекти и партнерства, како и пристап до технологии и финансирање. Сепак, постојат и предизвици како ограничените средства за мобилност, бирократски процедури, институционалниот капацитет, како и усогласеноста со европските стандарди. Интернационализацијата на високото образование мора да остане достапна за сите, и да е насочена кон квалитет и размена на знаење, а не водена од финансиски интереси. Таа е средство за подобрување на високото образование и за инклузивна меѓународна соработка во регионот на Западен Балкан, што овозможува циркулација на таленти, гради конкурентност и ја зголемува иновативноста. Јаневска посочи дека во услови на крупни геополитички промени, расте свеста за образованието како најсигурната инвестиција, од која зависи иднината на економиите, нивната одржливост и отпорност. „Без силен придонес од високообразовната заедница преку истражувања, учење и настава, општествено влијание, иновации и трансфер на технологии, не можат да се решат главните предизвици на современите општества, вклучително и оние кои се однесуваат на целите на Обединетите нации за одржлив развој, опстанокот на нашата планета, прашањата за војната и мирот, демократијата и заедничкиот живот“, рече Јаневска.